САД: Секој што ги примил двете дози на вакцина, не мора да носи маска надвор

од Vladimir Zorba

Американски здравствени експерти рекоа дека целосно вакцинираните луѓе повеќе не мора да носат маски на отворено, освен ако не се опкружени со голем број непознати лица.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) денес објави нови упатства, кои се уште еден чекор кон понатамошно нормализирање на животот, а во поголемиот дел од минатата година, на американските граѓани им се препорачуваше да носат маски на отворено, ако се оддалечени помалку од 5 метри.

АП пренесува дека промената во упатствата на здравствените службеници доаѓа откако повеќе од половина од возрасните Американци примиле барем една доза вакцина против коронавирусот, а повеќе од една третина биле целосно имунизирани.

Упатствата на ЦДЦ наведуваат дека луѓето кои се целосно вакцинирани не мора да носат маски за време на активности на отворено кога се сами или со членови на нивното домаќинство, а исто така можат да одат без маска на помали надворешни собири со целосно вакцинирани лица.

ЦДЦ има сосема различни упатства за невакцинирани лица, а за оние кои допрва треба да ги примаат обете дози, препорачува да носат маски на сите надворешни собири кои вклучуваат други невакцинирани лица, а исто така треба да продолжат да користат маски на терасите во рестораните.

Заедничката порака и за поединците и за другите е дека тие треба да продолжат да носат маски на масовни собири како што се настани на отворено, концерти или спортски настани, соопшти ЦДЦ.

Таквата препорака важи и за затворени јавни простории, како што се фризерски салони, ресторани, трговски центри, музеи или кина.

Слични содржини