Државните институции не смеат да потклекнат за она што е несреќен случај на работник или убиство на работник, изјави за „Локално“ претседателот на Сојузот на синдикати на Макеедонија Слободан Трендафилов, а поврзано со последниот случај кога на градилиште во Скопје загина работник. Според него, кој е одговорен за смртта на работникот треба да одговорат надлежните инспекциски служби, но дека нештата мора да се именуваат онакви какви што се.
-Тоа ќе биде она што е или е несреќен слчај или е убиство на работник, а државните институциите не смеат да потклекнат. Единствено во Македонија градежништвото е убиец број еден, а тој што ќе почине или ќе умре е крив затоа што не може да се брани. Тоа е атмосфера која ја креираат поединци, кои креираат огромен капитал на грбот на оние кои им го создаваат. Работниците мора да бидат безбедни и безбедно да се вратат дома, изјави Трендафилов.
Потсети на случај од пред неколку години кога работници на пат кон дома загинаа, исто како и последниот случај, а последиците ги трпат нивните семејства.
-Потребно е поголем број инспектори, да излегуваат на терен, а не да седат по канцеларии и да контролираат од почеток на градбата до крајот и да не се потпираат само на статистика ако некој се повреди или загине. Сметаме дека безбедните услови за работа се еднакво важни. Додека разговараме за колективните договори и да се обезбеди заштита на работниците, некој се обидува да ги укине донесените колективни договори, да не ги почитува законите и затоа сме на ова дереџе на кое што сме, изјави Трендафилов.

Фото: Локално
Тој објасни дека немаат соодветни податоци колку луѓе годишно гинат на работните места, поради неусогласени податоци на институциите, но дека таа бројка е над триесет.
-Смртта на еден работник не смееме да ја сведеме на статистичка грешка, човечкиот живот нема цена. Не смее животот на работникот да биде загрозен и сите се да прават цела година за да бидат безбедни, изјави Трендафилов.
Според него, за смрт на работник на работно место, за жал, никој не одговарал од осамостојувањето на државата.
-Јавното обвинителство не покажа дека еден од сопственците на тие објекти кои се градат завршил во затвор или одговарал за смрт на вработен на работно место. Последиците биле предизвикани затоа што не се преземени мерки за заштита, дури и да се преземени сите мерки има ризични работни места, но ако се преземени мерки за заштита тогаш процентот за несреќи се намалува. За жал, борбата за профит е позначајна од борбата за егзистенција и тоа никој не го загрижува и тоа како општество сме го изгубиле како вредност години наназад, изјави Трендафилов.
Е.Б.