СДСМ апелира Арсовска да ја прифати одлуката на Советот за преземање на Универзална сала

од Nikola Popovski

СДСМ бара градоначалничката Данела Арсовска да ја прифати одлуката на Советот на Град Скопје, кој вчера ја прифати иницијативата за предавање на ингеренциите за проектот за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура. Од партијата велат дека Арсовска во рок од 7 дена треба да ја подготви одлуката.

-Универзална е симбол на Скопје, симбол на солидарноста и по реконструкцијата таа треба да им се врати на граѓаните како важен репрезентативен објект во главниот град, истакнуваат од владеачката партија.

Со 26 гласа „за“ Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура.

Во заклучокот од Советот се наведува и дека се задолжува градоначалникот на Град Скопје да подготви договор за промена на инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Министерство за култура.

Реконструкцијата на Универзална сала со месеци е запрена, откако Арсовска во март годинава посочи дека проектот по кој се работи има грешки и е небезбеден. Таа нагласи дека работите ќе продолжат, но откако ќе се направат измени во проектот со кои ќе се гарантира безбедноста на сите граѓани кои ќе ја посетат салата кога ќе биде завршена реконструкцијата. Во меѓувреме беа направени бараните измени во проектот, направено е ново техничко решение од страна на проектантот врз основа на кое било неопходно да се изврши измена на првичниот договор за којшто Град Скопје поднело допис до Владата.

Слични содржини