Сенатот се обидува да го спречи повлекувањето на американските трупи од Европа

од Vladimir Zorba

Повлекувањето на американските трупи од Германија, што американскиот претседател Доналд Трамп има намера да го направи, се соочува со зголемен отпор.

Водечките сенатори на обете страни сакаат да ги спречат тие планови.

Повлекувањето американски трупи од Германија би било подарок за Русија и тоа е последното нешто што треба да го направиме, критикува поранешниот кандидат за претседател на републиканците, сенаторот Мит Ромни.

И демократот Крис Кунс изјавува: „Повлекувањето на скоро 10,000 војници од Германија без договор со германската влада и нашите европски сојузници не ја прави Америка побезбедна“.

Демократскиот сенатор Џини Шајн исто така објави дека присуството на американски трупи во Германија е од заеднички интерес.

Затоа, група сенатори, пред одлуката на Сенатот за буџетот за одбрана, достави соодветно барање, објавено е од кабинетот на Ромни. Буџетските средства можат да се искористат за повлекување на трупите само доколку Министерството за одбрана во извештајот до Конгресот објасни дека е во интерес на националната безбедност и дека не ги загрозува интересите на европските партнери во НАТО, се наведува во писмото.

Претставничкиот дом на Конгресот, исто така, се спротивставува на повлекувањето на трупите – и меѓу републиканците и демократите. Демократите исто така поднесоа барање со цел да го спречат повлекувањето на трупите од Германија преку буџетот. Доналд Трамп како врховен командант на вооружените сили може да нареди повлекување на трупите, но за тоа да се случи, потребни се пари, кои мора да бидат одобрени од Конгресот. Веројатно ќе бидат потребни компромиси за одобрување на воениот буџет, што може да го спречи планот на Трамп.

Трамп сака да го намали бројот на американски војници во Германија од околу 34.500 на 25.000. Со делумно повлекување на трупите, тој сака да ја казни Германија што не инвестира доволно во буџетот на НАТО. Некои трупи кои би биле повлечени од Германија, треба да бидат распоредени во Полска, објави Трамп минатата недела.

Според германската канцеларка Ангела Меркел, стационирањето на американски војници во Германија е исто така во интерес на Соединетите држави.

„Американските трупи во Германија служат како заштита за Германија и за европскиот дел на НАТО, како и за интересите на САД“, изјави Меркел за весникот „Зидојче Цајтунг“ минатата недела.

Слични содржини