Северна Кореја истрела стотина гранати во морето

од Stefanija Kuzmanovska

Војската на Северна Кореја истрела стотина гранати во морето во близина на воспоставената тампон зона со Јужна Кореја, нарекувајќи го потегот „сериозно предупредување“ до Сеул откако Јужна Кореја започна големи воени вежби кои продолжуваат оваа недела.

Јужнокорејските власти соопштија дека Пјонгјанг истрелал околу сто гранати од својот западен брег, како и дополнителни 150 од источниот брег. Тоа се случи во вторникот, а сите гранати паднаа надвор од територијалните води на Јужна Кореја, но во близина на поморската граница воспоставена во 2018 година за да се избегнат инциденти меѓу двете страни.

„Бараме Северна Кореја веднаш да престане со своите активности. Северна Кореја продолжува со провокациите, кои се активности кои негативно влијаат на мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров и на меѓународната заедница“, соопшти јужнокорејската војска.

Ова е втор пат Северна Кореја да ја употреби својата артилерија во тампон зоната во изминатите седум дена, при што за првпат беа истрелани 170 гранати и балистичка ракета со краток дострел. Исто така, подигнати се неколку воени авиони.

Сеул ги започна своите годишни вежби „Хогук“ во понеделникот, чија цел е да ја подобрат способноста на земјата да одговори на заканите од Северна Кореја. Вежбите ќе бидат завршени во сабота.

Слични содржини