Северна Македонија е најдобриот корисник на ИПАРД во регионот

од Vladimir Zorba

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска присуствуваше на 19-тиот Форум за земјоделска политика, чијшто домаќин оваа година е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, заедно со Постојаната група за регионален рурален развој на Југоисточна Европа.

Целта на годинешниот Форум, е да се потенцира значењето на руралниот развој за регионот на Западен Балкан, достигнувањата во искористеноста на ИПАРД програмата, хармонизација на регулативата за вино во Западен Балкан и да се дадат насоки за подобрување на политиките и постигнување на конкурентност и одржлив развој.

Димковски во своето обраќање посочи дека МЗШВ, ги прилагодува своите политики во насока на стимулација на диверзификација на економските активности во руралните средини, преку мерки кои поддржуваат преработка на земјоделски производи, маркетинг, рурален туризам, развој на услужниот сектор во руралните средини.


„Во тој контекст, од исклучително значење е поддршката што ја добиваме од страна на Европската Унија, особено преку ИПАРД 2 програмата. Мерките од ИПАРД 2 овозможуваат подобрување на конкурентноста на македонското земјоделство преку инвестиции во после-бербени и маркетингшки активности,  инвестиции во преработувачки капацитети и опрема, развој на нови рурални бизниси, како рурален туризам, креирање на нови работни места, подобрување на физичката инфраструктура и достапните услуги. Сето ова ќе придонесе за подобрување на квалитетот на живот во руралните области“, изјави Димковски.

На Форумот присуствуваше и шефот на одделението за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој на Европската комисија, Лиам Бреслин, којшто ја презентираше анализата за искористeност на ИПАРД 2 програмата во земјите од ЈИЕ. Бреслин потенцираше дека Република Северна Македонија, во споредба со земјите од регионот е најдобриот корисник на ИПАРД 2.

„Република Северна Македонија е еден од корисниците на ИПАРД, можам да кажам дека имате добра искористеност на ИПАРД 2. Земјата има многу апликации само за првиот повик од ИПАРД 2, дури и повеќе од што очекувавме. Добро е да се види дека земјоделците и прехранбената  индустрија од секторот земјоделство се финансираат од ИПАРД. Многу од оние што поднесле барања, ги користат веќе овие пари за инвестиции, гледаме дека земјоделците и преработувачката индустрија инвестираат, тоа сакаме да го видиме, дека овие пари им помагаат на земјоделците, на прехранбената индустрија да се развиваат по европските стандарди. Можеме да заклучиме дека Северна Македонија е најдобриот корисник на ИПАРД во регионот и очекуваме да продолжи така“, изјави Бреслин.

Според анализата, Република Северна Македонија досега има склучени 1.008 договори, во вредност од 19,1 милиони евра само европски пари, што е речиси колку вкупната сума што преку ИПАРД  ја имаат искористено Србија, Албанија и Црна Гора, која изнесува 20,6 милиони евра.

Инаку на Форумот, присуствуваат претставници од ресорните министерства и експерти од земјите од ЈИЕ. Форумот за земјоделска политика уште еднаш ќе послужи како платформа за меѓународен дијалог во врска со политиките и перспективите од заеднички интерес за креаторите на земјоделската политика и засегнатите страни. Конечните препораки за политиките на земјоделската политика ќе бидат сумирани во документ “Охридска агенда” и ќе бидат претставени на Тринаесеттиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство од ЈИЕ на 12 ноември 2019 во Приштина.

Слични содржини