Шефот на Вагнер Пригожин бил на списокот на патници на авионот што се урна во Русија

од Radmila Tasevska

Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин се најде на списокот на патници на авионот што се урна во Русија.

Првично беше објавено дека Пригожин загинал, но засега нема потврда дали Пригожин, кој се наоѓал на списокот од десет патници на авионот, навистина се качил во авионот, јавуваат светските медиуми.

Десет лица загинаа во падот на приватен авион северно од Москва – а управата за цивилна авијација на Русија соопшти дека Евгениј Пригожин е на списокот на патници.

Во авионот „Ембраер“, кој се движел од Москва кон Санкт Петербург, имало седум патници и тројца членови на екипажот, јави ТАСС.

Се наведува дека авионот се урнал во областа Твер, северно од Москва.

„Покрената е истрага за падот на авионот Ембраер што се случи вечерва во регионот Твер. Според списокот на патници, меѓу нив се и името и презимето на Евгениј Пригожин“, соопшти Росавијација.

Непотврдени медиумски извештаи велат дека бизнис-џетот му припаѓал на Пригожин.

Повеќе видеа објавени на социјалните мрежи се чини дека го покажуваат падот на авионот, јавуваат светските медиуми.

Водачот на платениците на Вагнер, Евгениј Пригожин, последен пат се појави во видео од 21 август, во кое зборува за постапките на Вагнер кои ја прават Русија поголема на сите континенти.

Би-би-си објави дека тоа е негово прво видео обраќање по неуспешниот бунт во Русија.

Видеото, кое сугерира дека бил во Африка, е објавено на каналите на Телеграм поврзани со платеничката група на Вагнер.

На него беше прикажан Пригожин во борбена опрема, велејќи дека групата ја прави Африка „послободна“.

Би-Би-Си не можеше да потврди каде е снимено видеото.

Се верува дека Вагнер има илјадници борци на континентот, каде што има профитабилни деловни интереси.

Слични содржини