Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска заедно со Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ го посетија стационарот за хуман третман на уличните кучиња „Вардариште“.
– Целта ни е да ги видиме условите, начинот и како се згрижуваат кучињата скитници, да ги подобриме условите за престој на животните коишто се овде стационирани заради зимскиот период и да направиме една координација, јас како градоначалник, вработените од стационарот и претставниците на граѓанскиот сектор и да дојдеме до едно оптимално решение за посовремен и похуман начин на згрижување на овие животни – изјави скопскиот градоначалник.
Радмила Пешева од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ изјави дека ова е нов почеток на работа на стационарот „Вардариште“ и дека тие барале од градоначалникот да бидат вклучени во неговото управување, како и дека многу работи ќе треба да се променат во третманот на кучињата. Таа посочи дека иако масовно ќе се применува програмата „Залови, стерилизирај и врати на локација“, паралелно со оваа мерка за конечно да се решат проблемите со бездомните кучиња ќе треба да се применуваат и низа други мерки и од локалната и од централната власт.
– Очекуваме многу и спремни сме максимално да се вложиме, така што сметаме дека од сега натаму работите ќе бидат подобри – рече Радмила Пешева од „Анима Мунди“ .
Столе Велковски од „Анима Мунди“ ги изрази нивните заложби да ги поттикнат сите граѓани да дојдат и да се едуцираат за проблемот со бездомните кучиња во Вардариште, да дојдат и да вдомат свој миленик и на тој начин да учествуваат директно во надминување на овој проблем.