Актуелно
Почетна / Локално / Шилегов: Ова лето улиците во Скопје ќе продолжат да се градат, багерите повторно ќе работат

Шилегов: Ова лето улиците во Скопје ќе продолжат да се градат, багерите повторно ќе работат

Градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција ги соопшти конкретните мерки што ги презема Градот Скопје во интерес на полесно надминување на економските последици од пандемијата со коронавирусот за сите граѓани во земјава.

– Во овие тешки моменти за сите, одржавме седница на Советот на која преземавме конкретни чекори со кои во голема мера ја помагаме домашната економија, а со тоа создаваме услови за сите граѓани на РСМ да можат полесно да ги пребродат последиците од економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Град Скопје е најголем чинител во македонската економија. Тука се остварува најголемиот дел од нашиот БДП, тука е најголемиот број на работни места, тука се остваруваат најголемиот дел од инвестициите во земјава. Работите не смеат да запрат. Во изминатите 2 години Град Скопје покажа одлични финансиски резултати. Советот 2 години по ред усвојува завршни сметки од кои јасно се гледа дека буџетот е на стабилни нозе и дека може да ги исполни своите цели- изјави Шилегов.

Тој додаде дека во Годишната сметка на Град Скопје за 2019 година, Градот остварил повеќе тековни приходи, извршил отплата на главнина по постојното задолжување и притоа остварил суфицит во износ од 528.010.827 денари.

– Притоа, Град Скопје нема ново задолжување во 2019 година, ниту пак користи дел од средствата кои биле префрлени како непотрошени од претходната 2018 година, напротив имаме кумулирано дополнителен вишок на приходи во износ од 364.424.419 денари. Ваквите финансиски резултати овозможуваат Град Скопје да се откаже од дел од средствата од најголемите приходни ставки (комуналиите, комуналните такси, закупот на јавен простор, градските давачки и сл.) со цел да ослободиме повеќе пари во економијата. За таа цел ја спуштаме комуналната такса за закуп на јавен простор од 15 на 5 денари по квадрат (колкава што е минималната цена дозволена со закон) за цела 2020 година; ја намалуваме фирмарината за стопанските субјекти од 7.000 на 4.000 денари за 2020 (што исто така е законски минимум);го откажуваме кредитот за изградбата на новиот Луна Парк; подигнуваме нов кредит на иста вредност за изградба и реконструкција на улици и друга инфраструктура (која ја работат домашните компании);комуналите ќе можат да се плаќаат на 18 наместо на 12 месечни рати (ова се однесува за градби со комуналии чиј износ надминува 1 милион евра); и им препорачуваме на Училишните одбори закупувачите на простор во средните училишта да бидат ослободени од месечните кирии за целокупното времетраење на вонредната состојба – рече Шилегов.

Исто така, Шилегов изјави дека со цел успешно да се спроведат овие мерки се надева дека наскоро Советот на градот ќе усвои ребаланс на буџетот.

– Ги уверувам нашите сограѓани дека ова лето улиците во Скопје ќе продолжат да се градат, багерите повторно ќе работат. Ќе продолжат да се прават големите паркови што ги почнавме, мостовите и реновирањето на јавниот превоз. Ќе продолжиме да ги даваме истите социјални услуги и ќе ги адаптираме културните содржини на околностите додека не ги отвориме повторно – изјави Шилегов. На крајот ќе подвлечам дека фокусирани сме на враќањето на парите назад во стопанството, преку обезбедувањето на повеќе средства за капитални инвестиции и одлагање на неприоритетните инвестиции како Луна Паркот. На тој начин убеден сум дека ќе овозможиме граѓаните кои работат во стопанството да ги задржат своите работни места и полесно да ги пребродат економските последици од справувањето со глобалната пандемија – нагласи Шилегов на денешната конференција за медиумите.

loading...