Што кријат подземните лавиринти пронајдени под епицентарот на експлозијата во Бејрут? (видео)

од Nikola Popovski

Околу 60 лица се наведени како исчезнати по моќната експлозија на амониум нитрат што го потресе Бејрут пред една недела, а истражувачите што го пребаруваат местото на несреќата открија подземни лавиринти кои подигнуваат надежи дека некои од нив ќе бидат пронајдени живи.

Истражувачите, според австралиската телевизиска мрежа „Скај њуз“, откриле простории кои изгледаат како соби изградени како засолништа во случај на напад.

Спасувачите во моментов ги расчистуваат урнатините за да стигнат до тие простории.

„Тие знаат дека има лавиринт на подземни простории и досега успеале да стигнат само до една … Тоа ги држи во надеж членовите на семејствата на исчезнатите дека некако нивните најблиски преживеале“, рече дописникот на австралиската телевизија.

Руските и турските екипи за спасување им се придружиле на припадниците на либанската армија и цивилните служби во обезбедувањето на местото на несреќата и во потрагата по исчезнатите лица.

Експлозијата на околу 2.700 тони амониум нитрат во пристаништето во Бејрут на 4 август уништи добар дел од либанската престолнина. Повеќе од 150 луѓе загинаа, а 6.000 се повредени. Штетата се проценува помеѓу пет и 15 милијарди долари.

Два дена подоцна, избувнаа насилни демонстрации, на кои граѓаните бараа реформи. Епилогот на протестите беа оставка на либанската влада.

Слични содржини