Шведските епидемиолози се на удар на критики: Најризичните групи незаштитени, стапката на морталитет двојно поголема отколку во Италија

од Nikola Popovski

Поради високата стапка на смртност во Шведска, каде поголемиот дел од смртните случаи го сочинува најстарата популација, епидемиолозите во таа земја се цел на сè поостри критики.

Од околу 10 милиони жители, кои живеат во Шведска, земја која порано се поврзуваше со висок стандард на живеење и ладно време, 3.871 лица починале од последиците од коронавирусот, според најновите податоци.

Стапката на смртност во Шведска е исклучително висока и изнесува 6,1, додека во Италија е двојно пониска – 3,0.

Во весникот „Дагенс нихетер“, 22 експерти ги критикувале епидемиолошките мерки донесени во Шведска, потенцирајќи дека стратегијата на шведската Управа за јавно здравје е да се здобијат со колективен имунитет. Сепак, од Управата одговараат дека тоа никогаш не била официјална стратегија на шведските здравствени институции.

„Ние работиме на спречување на ширење на инфекцијата и да ги заштитиме ризичните групи“, рече Сара Бифош од Управата за јавно здравје на една од секојдневните конференции на оваа институција.

Поранешниот државен епидемиолог Јохан Гисеке, исто така, им дал поддршка на официјалните лица на шведската здравство, оценувајќи дека Шведска ја направила вистинската работа.

Податоците, сепак, покажуваат дека Швеѓаните не успеале да ја заштитат најризичната група.

Од 3.871 починати лица, дури 3.414 биле над 70 години, а повеќето починати (1.585) биле меѓу 80 и 89 години.

Според една научна студија, само 7,3 проценти од граѓаните на Стокхолм развиле антитела на вирусот до крајот на април, што предизвикало стравувања дека стратегијата на шведската Влада да не се воведе вонредна состојба за време на пандемија не е добра одлука, пренесува Ројтерс.

Новинарот на шведскиот јавен сервис СВТ, Јован Радомир изјавил дека граѓаните започнале да бараат одговори од надлежните и се прашуваат како е можно Данска и Норвешка да имаат толку помалку мртви од Шведска.

„Прашањето е дали премногу им верувавме на експертите или дали политичарите доцна почнаа да преземаат построги мерки. Се чини дека давањето одговорност на поединците е голема грешка, затоа што многумина сè уште се однесуваат несериозно“, изјави Радомир, пренесува Танјуг.

Шведскиот новинар додал дека на работниците во супермаркетите, кафеаните, рестораните и јавниот превоз не им се посветува доволно внимание и дека треба да работат за да не ги загубат работните места.

„Секој што ги чувствува симптомите на болеста, мора да се изолира, но не сум сигурен дека сите го прават тоа. Од таа причина, секој што работи во услужни активности е загрозен и може многу лесно да се разболи заради неодговорни граѓани“, истакнал Радомир.

Ситуацијата во Шведска, додал тој, може да доведе до фактот дека, кога другите земји полека ќе започнат да ги отвораат своите граници, можат да ги затворат за Швеѓаните во исто време, доколку бројот на заразени и починати продолжи да расте.

„Многумина порано ја фалеа шведската тактика, но сега многумина од нив го менуваат мислењето, дури и во Шведска. Сè уште не знаеме кој е во право, иднината ќе го покаже тоа “, изјавил Радомир.

Слични содржини