СИЕР: Не сме задоволни како се врши усогласувањето на рударските плати со се повисоките трошоци за живот

од Vladimir Zorba

Мачната, секојдневна борба со ценовните шокови и се поголемата инфлација не ги одмина ни рударите, иако оваа индустрија минатата година беше една од најпрофитабилните.

Актуелните услови, дополнително обременети и со се поскапата струја ја наметнаа како единствена цел потребата да се преживее периодов и на тој начин го ставија синдикатот во исклучително неповолна преговарачка позиција.

„Тоа значи дека и едната и другата страна (синдикатот и работодавачот) се трудат да извлечат максимум: синдикатот да обезбеди поголемо покачување на платите за да не го подјаде инфлацијата животниот стандард, а работодавачите да го амортизираат порастот на трошоците на производство на секаков начин, а тука спаѓаат и трошоците за работната сила“, изјави за „Локално“ Маре Анчева – генерален секретар на СИЕР.

Потсетува дека иако според Општиот колективен договор за приватниот сектор, платите годишно се усогласуваат со порастот на трошоците за живот во текот на годината. Синдикатот никогаш не  се задоволува со просто усогласување на платите со индексот на инфлацијата.

„Така и сега, во сите сектори, а особено во рударството, каде условите за работа се најтешки, преговорите се за пораст на платите кој соодветсвува на условите за работа и резултатите од работењето. Само така може да се обезбеди последиците од кризата да не се кршат главно врз грбот на работниците“, вели Анчева.

Рударството е една од ретките  македонски индустрии која одлично ја заврши  минатата година регистрирајќи респектабилна заработувачка. Дали овој позитивен факт им донесе повеќе финансиски  придобивки на рударите, во контекст на нивно полесно соочување со инфлаторниот бран?

-За жал, високите профити на рудниците не значат и повисоки плати за рударите.Како синдикат, не сме задоволни од начинот на кој се врши корелацијата на месечните примања со се повисоките трошоци за живот. Порастот на платите не оди со исто темпо, иако платите во последниот период се придвижија полека во нагорна линија, „поттурнати“ од побрзиот пораст на минималната плата. Но со инфлаторниот бран никој, па ни рударите, не успеа ни да се порадуваат на повисоките плати. Борбата со инфлацијата секогаш била нерамноправна, што значи дека порастот на платите многу тешко може да го компензира целосно порастот на трошоците за живот. Во вакви услови сите се во „небрано“: и работниците и работодавачите. Едноставно, важно е само да се преживее кризниот период и да нема поголеми последици.

Речиси и нема сектор во кој не се  почувствуваа  последиците од војната во Украина. Рударството до сега успешено одолеваше на сите притисоци, но какви се проекциите за оваа индустрија и нејзините вработени  во однос на понатамошниот период?

-Глобалната економска криза со која се соочува светот остава последици што ги чувствува секој поединец.Одделните индустриски сектори можеби се различно погодени од кризата, но разликите се во нијанси, односно може да се каже дека неме сектор кој не е погоден. Рударството е специфична гранка, тоа е примарно производство што црпи суровина од природата. Цените на металите се формираат на светските берзи, што значи дека тие се на некој начин диктирани однадвор. Но, во кризата тие стануваат нестабилни што предизвикува несигурност. А порастот на цените на енергенсите подеднакво ги погодува сите индустрии. Главно е побарувачката да не се намалува, како и цените да не паднат под прагот на рентабилноста. Како синдикат сметаме дека од тој аспект рударството во Македонија нема некои вонредни потешкотии.

Од гледна точка на работниците, борбата за подобра заработувачка е постојана и може да се зборува за поповолни и помалку поволни моменти за остварување подобри резултати во таа борба. Во моментов синдикатот, како претставник и застапник на работниците е во понеповолна преговарачка позиција поради растечките трошоци за живот, но и поради растечките трошоци за производство на работодавачите. Тоа значи дека и едната и другата страна (синдикатот и работодавачот) се трудат да извлечат максимум: синдикатот да обезбеди поголемо покачување на платите за да не го подјаде инфлацијата животниот стандард, а работодавачите да го амортизираат порастот на трошоците на производство на секаков начин, а тука спаѓаат и трошоците за работната сила. Тоа се тешки моменти што не ги сака ни едната ни другата страна, а со кои мора да се носиме заедно.

Периодот на короната не влијаеше негативно врз рударството, напротив имаше вртоглаво зголемување на побарувачката на одредени производи, на пример бакарот. Дали и самите  вработени во овој сектор имаа бенефит од позитивните трендови?

-Точно е дека побарувачката за бакарот доведе за време на короната до пораст на цената на берзата, која сега е веќево благо опаѓање. Производството на бакар во Македонија не запре, иако ископување во рудникот Бучим престана, а започна во рудникот Боров Дол. Во овој период работниците во Боров Дол синдикално се организираа за да можат да ја подобрат својата положба. Колективен договор сé уште не е потпишан, но сериозно се работи на воведување на бенифицираниот стаж, за кој процедурата мора да се направи одново, бидејќи се работи за нов потфат, односно нова фирма. Исто така, во овој период се поставени уште неколку барања во врска со зголемување на платите и регресот за годишен одмор, поправедно вреднување на поедини работни места, воведување на додаток за потешки услови за работа и сл. Имаше проблем со исплата на додатокот за работа во недела, но тоа се надмина. Исто така, синдикалното раководство во рудникот има добиено потврда од работодавачот дека откако ќе се завршат процедурите за воведување бенифициран стаж истиот ќе биде исплатен за целиот период за кој секој вработен работел на соодветното работно место, односно ретроактивно. Преговорите за зголемување на платите малку се оддолжија поради промени на одговорните менаџери во фирмата, но синдикатот ги испорача барањата, па борбата за повисоки плати продолжува.

Во исто време растат цените на нафтата, електричната енергија, на резервните делови. Имате ли примери на рудници каде крајните последици се кршат на грбот на рударите?

-Како што рековме, во услови на криза како што имаме во моментов, преговарачките позиции се тешки и преговорите комплексни. Работодавачот секогаш се стреми кон пониски, или барем контролирани трошоци. Во услови кога другите трошоци не можат да се контролираат (цени на енергенсите) тогаш уште поголем е стремежот да се задржат пониско барем трошоците кои може да се контролираат (трошоци за работната сила). На такви ситуации како синдикат сме биле сведоци многу пати. Но затоа е синдикалното организирање и затоа се колективните договори.  Според Општиот колективен договор за приватниот сектор, платите годишно се усогласуваат со порастот на трошоците за живот во текот на годината. Ние во СИЕР никогаш не сме се задоволувале со просто усогласување на платите со индексот на инфлацијата, борбата била секогаш за повеќе. Така и сега, во сите сектори, а особено во рударството, каде условите за работа се најтешки, преговорите се за пораст на платите кој соодветсвува на условите за работа и резултатите од работењето. Само така може да се обезбеди последиците од кризата да не се кршат главно врз грбот на работниците.

Во минатото имаше тренд на заминување на наши рудари на работа во српските рудници, привлечени од поголемите плати. Каква е сега ситуацијата?

-Трендот на заминување на нашите квалификувани рудари на работа во српските рудници најчесто беше поврзан со немањето работа во нашите рудници, во периодите на приватизација или стечаи во рудниците. Тогаш и објективно платите во нашите рудници беа нередовни и мали. Тоа веќе не е така. Сепак, и рударството, како и целокупната индустрија не е имуно на недостиг на квалификувана работна сила. Впрочем, и кај квалификуваните работници важат пазарните законитости на понуда и побарувачка и сосем е логично работниците да мигрираат за подобри услови и повисоки плати.

Еколошките невладини организации неколку пати досега успеаа да го стопираат почетокот на работа на неколку нови рудници. Колку овие кампањи влијаат врз можноста на жителите на помалите градови да најдат работа,  а со тоа и да го спречат процесот на исселување?

-Екологијата и здравата животна средина треба сите да нé интересира и загрижува. Синдикатот во своите цели има зацртано меѓу другото и борба за повеќе работни места и поголема вработеност. Во врска со ова прашање ние понекогаш се чувствуваме како меѓу чеканот и наковалната, односно се поставува прашањето дали треба да ја крепиме страната за повеќе работни места, или да бидеме на страна на екологијата. Но и едното и другото се дел од општествената одговорност, кој може да измери што е поважно? Да, повисокиот општествен интерес мора да се заштити, тоа е неспорно, но мора да се создаваат и работни места. Сметаме дека тука мора да одигра улога државата и да обезбеди инвестиции, односно работни места. Ако е несоодветно рударството, уште полесно може да се понуди работа во други гранки, каде и потребните инвестиции се пониски.

Колкава е просечната возраст на рударите кај нас и кои нивни права според Синдикатот се уште не се задоволени?

-Рударството спаѓа во најтешките професии во светот, не само во нашата држава. За да се биде рудар, потребен е посебен физички и ментален склоп, тоа не е работа што секој можа да ја врши. Затоа таа работа мора да биде поинаку, повисоко вреднувана. Но, платите во Македонија се такви какви што се, не само во рударството. Работата во индустријата, а особено во рударството, кај младите луѓе не е популарна, бидејќи е тешка, одговорна, а недоволно платена. Во врска со ова прашање  синдикатот заедно со организациите на работодавачи одамна укажуваше на несоодветните промени во образовниот систем кои доведоа речиси до целосно исфрлање на производните и технички струки од системот. Сега одново сме на почеток со некои облици на дуално образование поради состојбата во која се најде целото стопанство поради смена на генерациите: старите искусни кадри си го завршија работниот век, а нема кој да ги замени. Да не го спомнуваме дополнителниот проблем со одлив на квалификуваните работници низ Европа и светот. Сметме дека овој проблем не може да се реши со ад-хок мерки и преку ноќ, потребни се системски решенија. Но основната стимулативна мерка секако ќе биде можноста за заработувачка при изборот на занимањето. Тоа не смее да се пренебрегне. За жал, работодавачите некако бавно реагираат во оваа ситуација, тие треба да бидат многу порешителни во за надминување на проблемот.

Од друга страна, како ги коментирате примерите каде рудниците бараат стручен кадар за плата од над 600 евра (геолошко рударски техничари и ракувачи со рударски машини) , но сепак нема интерес и тоа пред се поради фактот дека нема интерес кај средношколците за запишување на овие насоки.
Дали Владата има слух за барањата на СИЕР, и каде според Вас се најголемите проблеми во оваа комуникација?

-СИЕР вложи многу во борбата за подобрување на положбата на рударите во изминатите години. Факт е дека работите се сменија дури по менувањето на законот за ПИО во врска со пресметката на бенифицираниот стаж за рударите во подземна експлоатација во 2017 година. Тие добија право на пензионирање со вкупно остварен пензиски стаж од 40 години (вклучително и бенифицираниот). Со тоа е решен еден тежок проблем, но не за сите рудари, туку само за подземната експлоатација. Значи нашата борба не е завршена. Бенифицираниот стаж се признава за работни места на кои штетното влијание врз физичкото и психичко здравје на работникот не може да се амортизира со заштитни средства. Затоа тие работници, кои побргу физички и психички „се трошат“ имаат право на порано пензионирање. Дополнителен проблем е и тоа што овие бенифиции не се достапни до сите работници во рударството (подземно и надземно), бидејќи бенифицираниот стаж не е задолжителен за работодавачот. Има многу фирми во рударство и експлоатација на камен каде воопшто не се плаќа бенифициран стаж, а за жал работниците не се ни синдикално организирани.

Затоа синдикатот постојано инсистира и на подобрување на законските решенија во интерес на работниците. Владите се менуваат, нашите барања остануваат, зависно од „слухот“. Еве, конкретно, борбата за промени во регулативата за бенифициран стаж започна во 2008, а се реши дури по десет години. Не се потребни големи анализи зошто е тоа така. Разбирливо е што владите имаат различни приоритети, но најголемиот проблем останува во комуникацијата, односно во квалитетот на социјалниот дијалог. Не смее да се заборави дека сите сме тука заради интресите на работниците, кои се граѓаните на оваа држава и дека интресите на работниците секогаш одат рака под рака со државните интереси, а никогаш спротивно.

К.В.С.

Слични содржини