СИПРИ: Увозот на оружје во Европа речиси удвоен поради Украина

Во периодот 2019-2023 година, 55 отсто од увезеното оружје во Европа било од САД во споредба со 35 отсто во периодот 2014-2018 година.

од Бети Божиноска

Увозот на оружје во Европа е речиси удвоен во последните пет години, делумно поради војната во Украина, додека изворот од Русија е преполовен, велат истражувачите од Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ), пренесува „Франс24“.

Украина стана четвртиот најголем увозник на оружје на светот додека Франција ја замени Русија како втор најголем извозник на оружје по САД.

Увозот на оружје во Европа се згоолеми за 94 отсто во периодот 2014-2023 година споредено со претходниот петгодишен период додека севкупниот број на глобални трансфери на оружје е поднамален, се вели во извештајот на СИПРИ.

„Ова зголемување делумно може да се објасни со војната во Украина, земјата која стана четвртиот најголем увозник на оружје на светот во последните пет години,“ Катарина Ѓокиќ, истражувач во СИПРИ.

Од СИПРИ посочуваат дека најмалку 30 земји доставиле големо оружје како воена помош во Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година, но и други европски нации го зголемија увозот на оружје, од кое најголем дел доаѓа од најголемиот извозник на оружје на светот- САД.

Во периодот 2019-2023 година, 55 отсто од увезеното оружје во Европа било од САД во споредба со 35 отсто во периодот 2014-2018 година, што делумно се должи на фактот дека повеќето европски земји се членки на НАТО и партнери на САД во развивањето системи на оружје како ловецот „Ф-35“.

Истовремено, зголемениот увоз од САД ја нагласува желбата на многу европски нации набрзина да набават оружје и да купат „од полица“ наместо да развиваат нови системи. На глобално ниво, американскиот извоз во тој период се зголемил за 17 отсто, со што нивниот удел во вкупниот извоз на оружје достигна 42 отсто.

Русија, која долго време беше вториот најголем извозник на оружје, во меѓувреме, забележа пад во извозот од 53 отсто во периодот 2014-2023, во текот на кој не само што извезла помалку оружје, туку тоа го сторила во помалку земји- во 2023 година извезувала само во 12 земји, во споредба со 31 во 2019 година.

Кина традиционално беше еден од најголемите увозници на руско оружје, но во последно време се обидува да го развие домашното производство, па така нејзиниот удел во рускиот извоз е само 21 отсто, додека 34 отсто од руското оружје завршило во Индија.

Франција, од друга страна, забележала пораст во извозот на оружје од 47 отсто, со ја оддалечи Русија од позицијата и стана втор најголем извозник на оружје во светот во светот. Франција учествуваше со 11 отсто од вкупниот извоз на оружје во 2019-2023 година, при што била особено успешна во продажбата на својот борбен авион „рафал“ надвор од Европа, вели Ѓоковиќ.

Војната во Газа веже има значително влијание врз извозот на оружје во Израел главно преки трансфери од САД преку нова воена помош или со забрзување на веќе постоечките договори, вели истражувачот на СИПРИ, Заин Хусеин, кој предупреди дека е тешко да се предвиди долгорочниот импакт од конфликтот.

„Во некои европски држави веќе гледаме еден вид притисок од различни актери да се ограничи оружјето за Израел додека траат неговите воени операции во Газа поради можните прекршувања на меѓународниот хуманитарен закон,“ вели Хусеин.

Слични содржини