Словачкиот министер за одбрана: Наместо НАТО трупи, вратете ѝ ги на Украина полнолетните мажи

Калинак изјави дека меѓу украинските бегалци во западните земји има група мажи опфатени со украинскиот Закон за мобилизација, односно сите освен деца, жени и постари мажи

од Бети Божиноска

Наместо да размислуваат за испраќање војници на НАТО во Украина, западните сојузници на Киев треба да им помогнат на украинските полнолетни мажи да се вратат дома и да се приклучат на војската, изјави вчера словачкиот министер за одбрана, Роберт Калинак.

Калинак изјави дека меѓу украинските бегалци во западните земји има група мажи опфатени со украинскиот Закон за мобилизација, односно сите освен деца, жени и постари мажи, пренесува „Политико“.

„Ништо нема да ѝ помогне на украинската армија како враќањето на украинските момчиња на возраст за регрутација. Тие се доволно патриотски настроени, затоа треба да ги мотивираме и да обезбедиме ресурси за да се вратат младите мажи кои се способни да ѝ служат на Украина. Тоа секако е подобро од испраќање наши војници таму“, истакна Калинак.

Тој вели дека околу 300.000 мажи ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Новиот украински закон за мобилизација, кој досега го помина само првото читање во парламентот, ја намалува долната граница за мобилизација од 27 на 25 години со што ќе се овозможи ротација на истоштените украински војници од првите борбени редови.

Сепак, законот се покажа како крајно непопуларен и политичарите се борат за поддршка од јавноста и за повеќе средства за нов бран трупи.

Слични содржини