Не расте антисемитизмот во светот, туку незадоволството кон познатите политички субјекти кои се спротивставуваат на барањето на целиот свет за прекин на геноцидот во Газа, смета граѓанската активистка Мерсиха Смаиловиќ. Таа на прашањето на „Локално“ колку обидот за палење на синагогата е пораст на антисемитизмот и во Македонија, изјави дека тоа се провокации на кои нашите сограѓани не смеат да подлегнат и не смеат да бидат дел од туѓи игри.
-Обидот за опожарување на единствената синагога во Скопје е недвосмислено осуден од наша страна уште првиот ден, и таков еден инцидент нема други мотиви освен да направи дисбаланс на и онака кревкиот меѓуверски соживот во земјава. Тоа се провокации на кои нашите сограѓани не смеат да подлегнат и не смеат да бидат дел од такви туѓи игри кои се штетни за нашето цело општество. Еврејската заедница во Македонија има вековна традиција на живеење и постоење во нашата држава, многу постара од самата држава Израел, изјави Смаиловиќ.
Таа смета дека поради тоа сите вo земјата треба заедно да го осудат чинот на палењето на верска институција.
– Како што сите верски заедници го осудија треба да го следат примерот на Папата Лав и да повикуваат на крај на војната, убивањата, агресијата. Само заеднички, сплотено, ако се држиме до постулатите на човештовото, меѓународното право и солидарноста, лесно ќе им се спротивставиме на ветриштата на омразата и агресијата, изјави Смаиловиќ.
Смета дека кај луѓето во Македонија негативните чувства кон владејачките структури во Израел не се предизвикани од војната во Иран, туку дека пред се поради случувањата во Палестина.
-Иран не е во фокусот на нашите граѓани. Геноцидот во Газа над повеќе од 900 денови, окупацијата на Палестина 78 години, безбројните етнички чистења, затворање и убивање деца, жени и старци, крадење на приватен имот, рушење домови, законот за егзекуција само на палестински затвореници, молкот на меѓународната заедница, оневозможувањето на меѓународното право и неговите институции при ОН и отворените закани и секаков вид на санкции и измислени обвиненија врз преставниците на истите институции за правда при ОН, и сето тоа направено од Израел, се дела за кои е обвинитет само Израел како држава и моменталното политичко раководство, изјави Смаиловиќ.
Вели дека не сите граѓани на Израел, не сите Евреи во или вон Израел ја носат вината на погрешните политики на нивната држава како и сите нееврејски народи кои ги поддржуваат.
-Голем број на Евреи јасно и недвосмислено протестираат и се противат на режимот во Израел, имаше протести и пред почетокот на геноцидот, има и сега. Тоа се милиони Евреи ширум светот кои се против овие случувања, изјави Смаиловиќ.
Објаснува дека поимот антисемитизам се однесува на омразата кон еден народ, поради карактеристиките кои ги има и дека нашата Влада ја има усвоено официјалната дефинија за антисемитизам, според која атисемитизмот е одредена перцепција кон Евреите, која може да се изрази како омраза кон Евреите. Реторичките и физичките манифестации на антисемитизмот се насочени кон Евреи или не-Евреи и/или нивниот имот, кон институции на Еврејската заедница и верски објекти.
– Постапките на една држава која сака да се одбрани од обвинувањата за геноцид, воени злосторства кон човештворто, окупација и агресија врз 6 држави во регионот, не смее никако да се истоветува со тој народ кој во милионски бројки живее ширум светот. Таа дистинкција е јасна и ниту една емотивна состојба не смее да ја замати. Затоа, треба да се дообјасни поимот антисемитизам, од правен аспект, а потоа на таа разјаснета дефиниција да се каже дека не расте антисемитизмот, туку расте незадоволството кон познатите политички субјекти кои се спротивставуваат на барањето на целиот свет за прекинување на геноцидот во Газа, окупацијата на палестинските територии, враќањето на палестинските заложници и почитувањето на меѓународното право, изјави Смаиловиќ.
Е.Б.