Смрт на фашизмот, слобода на народот

од Vladimir Zorba

Пред скоро осумдесет и една година, кога фашизмот заедно со Адолф Хитлер интензивно се развивал во Европа, се пројавила идеа да фашизмот се прошири во повеќе држави со цел истите да се придружат кон Тројниот пакт – Германија, Јапонија и Италија. Владата во тогашното Кралство Југославија, стравувајќи од напад и сигурен пораз, сакале да останат неутрални и после период од два месеци, Југославија официјално се придружила кон Тројниот пакт. Но, веднаш потоа, народот се побунил. Никој немал желба да живее во држава која соработува со фашисти. Протести, бунтови и пароли од видот на ,,Подобро гроб одошто роб“ или ,,Боље рат него пакт“. Во целата држава владеело анти-фашистичко расположение.

Под притисок од народот, на Хитлер не му успеал планот да ја придобие Југославија кон Тројниот пакт и со брза инвазија ја освоил Југославија, а народот со партизаните преку одлична и ефикасна организација успеале силно да се спротистават. Македонскиот народ веднаш се приклучил на антифашистичката коалиција и токму тој е изборот што не доведе до сопствена држава во југословенската федерација. Ова не се само некои случајни луѓе, туку тоа се токму нашите прадедовци, прабаби, дедовци и баби. Овие настани не се случиле пред многу векови за да ние Македонците така лесно заборавиме на нив, а ние сегашните Македонци во генот ја носиме идеата и мислата на нашите предци.

Ова не носи до скорешната дебата во Европскиот парламент во Стразбур, каде бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој е дефинитивно познат по неговите антимакедонски ставови и голем поддржувач на ветото за почеток на преговорите со ЕУ, направи нацистички поздрав пред да си замине од пленарната сала за време на расправата за владеењето на правото во Полска и Унгарија. Ова е дефинитивно шок за сите, особено кога самиот Европски парламент се води како симбол на демократијата, и сите го осудија овој потег од страна на бугарскиот европратеник. Иако Џамбаски пробуваше да се оправда за својот фашистички потег, историјата и народите не се согласуваат со овој потег. Едноставно нема друго значење освен тоа што самото по себе претставува тој нацистички поздрав. Џамбаски е член на ВМРО-БНД, кои во македонската јавност се познати како партија со антимакедонски ставови и екстремно десничарски и националистички ставови општо. Тажно и жалосно е што после толку време во денешно современо општество ние повторно се соочуваме со вакви напади и постапки. Потегот на Џамбаски за мене не е само обичен фашистички поздрав, туку најава на правецот каде во иднина ќе се движи ВМРО-БНД, а тоа е фашизмот и токму тоа ме инспирираше да седнам и да ја напишам оваа колумна.

Со ова, сакам да покажам дека историјата треба да се познава, макар и минимално. Историјата постои за да не учи кои сме, од каде потекнуваме и кои се грешките од минатото, со цел ние во сегашноста и иднината да не дозволиме повторно истото да се случи. Преку постапките во минатото, народот денес ќе ги препознае идните знаци и насоки од фашизмот, за да може колективно да го спречи. Како што велат постарите, подобро да се спречи наместо да се лечи.

Како млад човек кој по убедување е антифашист, верувам дека тогашните борци имаат оставено аманет кон сите генерации после војната, вклучително и мене да ги негуваме антифашистичките вредности и по никоја цена да не им дадеме шанса на тие кои сакаат да го вратат фашизмот. Со тоа верувам дека сите држави денес имаат повеќе опции со цел да го спречат ширењето на фашизмот. Прво започнуваме со свеста. Важно е македонскиот народ денес да ги познава делата на своите предци, да знае дека ние како народ имаме антифашистички гени и да ги негуваме сите вредности кои доаѓаат со истите. Круцијално е да се познаваат тешките дела против човештвото. Треба да знаеме дека претходно сме биле на вистинската страна на историјата, и треба секогаш да останеме на таа страна, а тоа може да се лоцира во образованието во нашата земја, без разлика дали формално или неформално. Како што младите учеле во текот на образовниот процес во изминатите децении, треба така и да остане, без никакво менување на историјата или пак вметнување на политички некоректни или коректни историски податоци, туку само чистата вистина, онаа која што ја носиме во своите гени!

Понатаму е важно конечно да се започне дефинитивна борба против лажните вести, бидејќи истите играат голема улога во ширењето на омраза и екстремен популизам во сите политички ориентации и успеваат да идеализираат поединци кои немаат чисти намери за народот, го поткопуваат критичкото мислење и даваат лажна слика за општествените случувања во државата. Кога граѓаните ја знаат вистината, преку критичко размислување ќе знаат како да формираат свои лични ставови и да ги елиминираат сите опасности од повторувањето на историјата. За жал истражувањата покажуваат дека во Македонија има многу лажни вести и тие успешно влијаат врз многу наши сограѓани, преку бомбастични наслови и извртени зборови. Но ова не е само обврска на државата и нејзините органи, туку должност ни претставува и нам на сите граѓани да не дозволиме лажните вести побрзо да се шират, туку да читаме и да се информираме соодветно, преку филтрирање на вести кои не се легитимни, но и преку критичко размислување да имаме вистински став. Така се појавува и медиумската писменост, која на нас би дејствувала како „вакцина“ против лажните вести.

За среќа, денес нема потреба за борба со пушка, но со самата свест, образование и медиумска писменост имаме можност да живееме во нормален свет, каде не се толерираат разните нацистички поздрави, екстремистички ставови и такви поединци кои сакаат повторно да не вовлечат во војна, во која што никој не е победник. Верувам дека живееме во времиња каде можеме да спречиме многу воени ескалации и подигнување на непотребни тензии помеѓу државите, но во секој случај го порачувам следното, смрт на фашизмот, слобода на народот!

Јовица Јанковиќ

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини