Снежната бура во САД остави без струја повеќе од 350.000 луѓе

од Vladimir Zorba

Моќната зимска бура продолжува да ги погодува САД, оставајќи повеќе од 350.000 луѓе во темнина.

Обилниот снег, ледениот дожд и мразот ги уништија далноводите на 2.000 милји од Арканзас и Тенеси преку Илиноис и Охајо до Кентаки и Западна Вирџинија.

Повеќе од три метри снег падна во некои делови на Ново Мексико, каде две лица загинаа во несреќи поврзани со временските услови.

Торнадо се спушти во близина на Тускалуса, Алабама, при што едно лице загина, а осум се повредени.

Во Тексас повеќе од 70.000 потрошувачи останаа без струја.

Таа бројка е бледа во споредба со 4,3 милиони луѓе кои останаа без електрична енергија за време на зимската бура минатиот февруари, која ја оштети електричната мрежа во Тексас.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот рече дека државата оваа година додала резерви на електрична енергија во мрежата, осигурувајќи дека прекините овој пат ќе бидат сведени на минимум.

„Продолжуваме да реагираме со полна сила на зимското време кое моментално ја погодува нашата држава“, рече Абот во изјавата на Твитер. „Електричната мрежа е целосно оперативна и доверлива“.

Невремето моментално се движи кон исток, а мета се Њујорк, Пенсилванија и Масачусетс.

Во моментов, 80 милиони луѓе во регионот се под надзор и предупредување за зимско невреме, а се очекуваат дополнителни прекини на електричната енергија.

Во следните 24 часа се очекуваат обилни врнежи од снег, покрај леден дожд, лапавица и мраз, кои ќе создадат опасни услови.

Невремето го запре и воздушниот сообраќај во поголемиот дел од САД.

Околу 4.000 летови се откажани, а 3.000 одложени од петокот.

Слични содржини