Со пензиската реформа, Макрон создава услови за хаос каков што предизвика Брегзит

од Stefanija Kuzmanovska

Маневарот на францускиот претседател Емануел Макрон да го заобиколи Националното собрание за да ја протурка омразената пензиска реформа без гласање во долниот дом на парламентот може да ја обезбеди реформата за која тој тврди дека е многу потребна за да се спаси пензискиот систем, но може да се покаже и како пирова победа.

Имено, владата одлучи да прибегне кон посебна уставна процедура за да ја протурка спорната пензиска реформа без гласање во парламентот, а тоа е процедура според член 49, точка 3 од уставот, која му овозможува на Макрон да ја зголеми границата за заминување во пензија од 62 на 64 години.

Посегнувајќи по посебни уставни овластувања наместо да ризикува отфрлање на реформите во Долниот дом, Макрон само им даде нова муниција на лидерите на опозицијата и синдикатите кои ја нарекуваат реформата недемократска.

Марон играше на сигурно

Неговиот потег е во корист и на крајната десница.

„Ова е демократски државен удар“, рече лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен на хаотичната парламентарна седница.

Објавата на премиерката Елизабет Борн во четвртокот во парламентот дека владата ќе користи специјална уставна процедура за да ја изгласа пензиската реформа во парламентот без гласање, опозицијата ја дочека со галама, свирежи и антиреформски слогани. Имено, владата оцени дека и покрај потврдените гласови на конзервативните претставници, тие нема да имаат мнозинство во Долниот дом.

Некогаш познат како политичар склон кон донесување ризични одлуки, еден вид политички коцкар, Макрон реши овој пат да игра на сигурно.

Тој, вели еден владин извор, бил загрижен за пошироките финансиски последици од отфрлањето на реформата, што треба да ги увери инвеститорите и рејтинг агенциите за одржливоста на францускиот долг.

Ветер во грб на десничарските популисти

Сепак, неколкунеделните жестоки дебати во парламентот и улични протести со над милион луѓе би можеле да остават токсично наследство што ќе им даде ветер во грб на екстремно десничарските популисти, сметаат аналитичарите.

„Оваа реформа ги има сите потребни состојки за да обезбеди гласови за екстремно десничарските партии“, рече Бруно Палиер, политиколог од Универзитетот Sciences-Po.

Според неговата проценка, товарот на реформата најмногу ќе го сноси ниската средна класа, која веќе се чувствуваше како губитник во глобализацијата, потсетувајќи дека тоа беше случај во Велика Британија пред Брегзит и во САД пред Доналд Трамп.

„Таа огорченост, гнев и беда нема да исчезнат. Ќе се трансформира во нешто друго и само ќе чека да се појави на гласачките ливчиња“, додаде тој.

Тој, исто така, потсети како Никола Саркози го загуби реизборот во 2012 година, откако се обиде да ја зголеми старосната граница за пензионирање од 60 на 62 години во 2010 година.

Аналитичар: Ле Пен одигра најдобро

Од самиот почеток Макрон не успеа да укаже зошто според него оваа реформа е толку неопходна. Министрите на почетокот се обидоа да ја „продадат“ реформата под изговор дека го спасуваат пензискиот систем од колапс, а потоа тврдеа дека се работи за „левичарска реформа“.

Политичките аналитичари оценуваат и дека Ле Пен одиграла најдобро и може да има корист од начинот на кој се одвиваше целата дебата за пензиските реформи. Аналитичарите посочуваат уште еден детал: Макрон нема да може да се натпреварува за трет мандат во 2027 година, а засега негов наследник не е на повидок.

„Госпоѓа Ле Пен е подготвена за заседа“, рече Лоран Бергер, шеф на умерениот синдикат CFDT.

Ле Пен постојано го изразуваше своето противење на реформите, но им сугерираше на своите колеги во парламентот да се воздржат од опструкционистичката тактика на радикалната левица.

Одлуката нема да донесе мир на улиците

Едно е сигурно, крајот на дискусиите во парламентот не значи мир на улиците. Всушност, според анкетите, 62 отсто од Французите сметаат дека протестите мора да продолжат и по усвојувањето на законот.

Откако владата го заобиколи парламентот, веднаш избувнаа протести на парискиот Плоштад де ла Конкорд, спроти Националното собрание. Симболиката е многу силна: токму таму пред 230 години Луј XVI беше гилотиниран.

Слични содржини