Софија ги заострува односите: „Повлекувањето на амбасадорот непромислен потег воден од руските интереси“

од Nikola Popovski

Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов ќе биде повлечен од Скопје и ќе остане во Софија додека не биде „забележан напредок во односот кон македонските граѓани со бугарска самосвест“, изјави синоќа шефот на бугарската дипломатија, Николај Милков. „Се додека не видиме знаци на промена, амбасадорот ќе остане во Бугарија онолку колку што е потребно“, рече Милков. Тој додаде дека ништо нема да биде исто во односите со Северна Македонија, најавувајќи натамошно заострување на досегашната политика, како и можно запирање на меѓудржавните билатерални проекти, односно евроинтеграциите.

Ваквите остри тонови предизвикуваат загриженост кај дел од македонската јавност. Според поранешната пратеничка Никица Корубин, повлекување на амбасадор, како дипломатски чекор е многу сериозна работа.

Таа во разговор за „Локално“ вели дека повлекувањето е сосема друга димензија.

-Самото повлекување е чин кој говори за постоечки тензии, кои ескалирале до ниво за тие да проценат дека треба да го повлечат својот амбасадор. Нас треба да не интересира како нашите власти ги проценуваат тензиите, што сме направиле за да ги избегнеме и како да ги надминеме, порачува Корубин.

Никица Корубин

На обвинувањата од Ангелов дека Македонија не казнува антибугарски говор, Корубин вели дека говорот на омраза се превенира, за да не мора да се дојде до ситуација да се санкционира.

-Вистинското прашање е што направивме да го превенираме говорот на омраза, наместо константно да негираме дека тој постои; односно што направија сите повикани, а тоа не е само власта. Одговорноста е на различни нивоа, кои систематски и суптилно потикнуваат говор на омраза: од тенденциозно известување на медиумите, преку изјави на носители на политички функции, до разни јавни личности кои отворено и прикриено ги хистеризираат граѓаните на дневно ниво, не само во однос на Бугарија, истакнува соговорничката.

Очекува Македонија да го осуди и санкционира насилството и нападот на секретарот на клубот „Цар Борис Трети“, кое е направено од поединци, но останува прашањето од што се’ е поттикнато.

-ЕУ од нас очекува функционален систем, професионални институции, владеењето на правото и одговорно политичко поведение. А, тоа го очекуваат и граѓаните. Во таков случај, нема да има потреба никој, никого да осудува, затоа што во таков случај, ќе знаеме дека се’ е направено да се избегне вакво брутално насилство, а особено било какво оправдување на истото, оценува Корубин.

Околу можната забрана за влез на европратеникот Ангел Џамбаски и уште неколку бугарски државјани, поранешната пратеничка порачува:

– Веќе станува симптоматично, што на секој проблем во однос на Бугарија, нашиот прв одговор е забрана. Тоа не смее да биде одлика на демократско општество. Постојат низа механизми за да се предвиди, превенира и дури на крајот, евентуално санкционира, односно забрани. Нас треба да не интересира, дали и колку надлежните институции постапувале и постапуваат, а исто така како власта ги менаџира сите чувствителни проблеми, односно дали е се’ направено да се избегне ескалацијата на состојбата? За тоа што на крајот штетата ја плаќаме само ние, вели Корубин во својата анализа.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски смета дека Софија со повлекувањето на амбасадорот Ангелов прави непромислен потег, воден од руските интереси во Бугарија.

Благојче Атанасоски

Тој во разговор за „Локално“ вели дека е „жално е што оваа држава, својата евроиднина (во шенген и евро зоната) ја ставо во заложништво на своите уцени и притисоци врз една помала земја аспирантка за влез во Унијата (Македонија), лечејќи ги своите децениски, историски фрустрации и комплекси за историските порази“.

-За жал, да не звучам како претеран нихилист, за мене неповратно се изгубени меѓусебните односи меѓу нас и источниот сосед, а тоа ќе значи, многу, многу тежок пат на Македонија кон Европската унија.

Атанасоски прашува дали „Софија казнува антимакедонски говори“, како што бара од нас да казнуваме антибугарски?

-Какви се тие говори на европратеник, кој од сред Скопје, вели дека,, Македонија е бугарска”, дека нема Македонци, не постои македонски јазик? Говор на љубов? И не само таа карикатурална несреќа, безмалку секој политичар, во подиректна или позавиена форма ќе ви го каже истото. Во оваа ситуација,, крадецот вели држ те го крадецот”, односно официјална Софија од каде што катадневно се блуе говор на омраза кон нас, нашиот нацилнален идентитет, бит и јазик, сме обвинувани постојано дека сме извршители на говор на омраза, истакнува соговорникот.

Тој ги коментираше и синоќешните изјави на поранешниот премиер Бојко Борисов кој рече дека Бугарите се гневни поради нападот на Христијан Пендиков и рече дека ќе побара од Брисел да ја осуди Македонија за ваквиот инцидент.

-И јас сум гневен и тоа многу погневен од поранешниот бугарски премиер, прво за ветото, второ за антиевропските и антицивилизациски уцени и закани и трето за фашистичкото негирање на цела една нација. Тоа Борисов, може да го разбере? Од Европската унија не очекувам, ништо, односно ништо позитивно за Македонија, бидејќи да било до сега така, односно да биле принципиелни и со европски манири и вредности во политиката, ние немавме да стигнеме до ова дереџе, до кое сме дојдени денеска, кажа Атанасоски во својата анализа на настаните.

Според него, Македонија после овој новонастанат развој на настаните, нема што повеќе да изгуби.

-Мора да го заштити својот национален интегритет, суверенитет, национална гордост и бит. Не само што е потребно, туку се чудам зошто до сега не беше направено таква. Колку повеќе им се дозволува влез во Македонија, на фашисти и лица со нарушено психомоторно здравје, толку повеќе ќе растат тензиите и толку повеќе ќе има несреќни инциденти како тој во Охрид, а Македонија ќе биде аргументирано обвинувана за нацистичка земја во која етничките Бугари се прогонувани, тепани и малтретирано дискриминирани, порачува Атанасоски.

Н.П.

Слични содржини