Сопруга на украински политичар се појави на насловната страница на Плејбој: „Таа е симбол на отпорот“

од Stefanija Kuzmanovska

Сопруга на украински политичар кој преживеал наводен обид за атентат сега е заштитно лице на првото издание на „Плејбој“ што се печати во земјата по избувнувањето на војната. Ирина Билоцерковец може да се види како позира во металик бикини со превез на окото на насловната страница.

Манекенката и ТВ водителка, чиј сопруг е помошник на градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, беше подложена на неколкумесечно итно лекување и операција откако беше жртва на вооружен напад додека била со своите деца, само три дена по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година. Оттогаш, таа стана симбол на отпорот во Украина.

Таа била лекувана во болница во Берлин, а за „Плејбој“ открила како се чувствувала кога првпат се видела во огледало по реконструкција на лицето.

„Ми недостига око, цевчиња штрчат насекаде, косата ми беше избричена по операцијата. Конци, лузни, рани насекаде… Бев како чудовиште на Франкенштајн. Вилицата ми пукна како гранче. Немам убаво лице повеќе, но остатокот од моето тело е прекрасен“, рече Ирина.

Таа се возела дома низ богата киевска населба со нејзините три деца кога била погодена од куршуми. Морала да направи четири операции, а останала, како што самата изјавила, без око, скршена вилица и многу лузни по телото.

„Не беше прашање да ја зачувам мојата убавина, прашање беше дали ќе преживеам или не. Лекарите во Украина рекоа дека најверојатно ќе умрам. Не се согласив со тоа“, се сеќава таа.

Украинското издание на „Плејбој“ објави официјално соопштение во кое тврдат дека Ирина е хероината што ја претставија во изданието „Жените остануваат силни“, кое се занимава со „издржливоста на Украинките кои биле повредени за време на војната, но кои не ја губат волјата за живот“.

Откако започна инвазијата на Украина минатата година, изданието на „Плејбој“ таму се објавува само онлајн, а ова е првата печатена верзија по повеќе од 18 месеци.

Слични содржини