Спасовски од Тирана: С. Македонија најадекватен пример во регионот за ефикасна меѓународна соработка во миграциите

од Nikola Popovski

„Зајакнување на миграцијата, азилот и управувањето со границите“ е насловот на втората панел сесија во рамки на првиот ден од Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан кој се одржува во Тирана, а на кој учествуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Министрите учесници на овој форум, покрај проценката на ситуацијата вдолж Западнобалканската рута, дискутираа и за потребата од брзо усогласување на визната политика, напорите за зајакнување на капацитетот за управување со границите, подобрување на условите за прием и зајакнување на системите за азил, како и можностите за подобрување на соработката во борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе и зголемување на враќањето/реадмисијата на нерегуларните мигранти во земјите на потекло.

Притоа, еврокомесарката Јохансон во воведот на сесијата го изрази своето задоволство од неодамна потпишаниот Договор помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија, а министерот за внатрешни работи на Чешката Република, во улога на земја претседавач со Советот на ЕУ, Вит Ракушан, упати пофалби кон министерот Спасовски во однос на ефикасноста со која Република Северна Македонија го заврши преговарањето на договорот со Фронтекс и го финализираше и процесот на потпишување, што е од големо значење за регионот и ЕУ.

Министерот Спасовски, осврнувајќи се на значењето од Договорот со ФРОНТЕКС, потпишан помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија во насока на обезбедување на одржливи, трајни решенија во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, а со тоа и посигурни граници и поголема безбедност на нашите граѓани и граѓаните на Унијата, ги претстави и состојбите со миграцијата во регионот.

„Во текот на 2022 година, илегалната миграција е актуелна закана со која се справуваат земјите во регионот и пошироко. Како и претходните години, Турција и Грција се земји на чии територии се стационирани голем број на мигранти. Способноста и капацитетот на Турција да управува со своите граници игра важна улога и за Источно-медитеранската и за Западно- балканската рута, бидејќи таа и понатаму е клучна земја која влијае на миграцијата низ Западен Балкан, како земја со голем број мигранти и клучна транзитна област помеѓу Јужна/Средна Азија и Европа. Аналитичките согледувања укажуваат дека миграцискиот притисок во регионот на Западен Балкан во текот на 2022 година е зголемен, особено на северните граници во регионот со Србија и во Австрија. Во Република Северна Македонија, спречени се 22.806 обиди за илегално преминување на границите или речиси пет илјади обиди повеќе во споредба со истиот период лани“, подвлече Спасовски, притоа нотирајќи дека споредено со минатата година обидите бележат пораст, но не и во однос на претходните години.

Според министерот Спасовски, активностите кои се преземаа за спречување на криминалните активности поврзани со криумчарење на мигранти резултираа со откриени 89 случаи на криумчарење на 1.328 мигранти. Ваквиот резултат бележи пораст од 97,7% во откриените случаи, односно зголемување за повеќе од два и пол пати на бројот на криумчарени мигранти, во однос на периодот од јули до октомври 2022 година, потенцирајќи дека еден од главните предуслови за ефикасно гранично управување со границите и миграциите е ефикасната меѓународна соработка, за што Република Северна Македонија претставува најадекватен пример во регионот со заедничката меѓународна операција на јужната граница со помош на ИОМ, која од 2016 е поддржана и од Европската Комисија.

Меѓу главните приоритети, според Спасовски, е одржување и продлабочување на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит и потекло, со агенциите на ЕУ и ОН, како и релевантни меѓународни организации, а МВР активно учествува во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси, како што се Салцбуршки, Будимпештански, Прашки процес, Заедничка координативна платформа, DCAF Програма за гранична безбедност итн.

„Клучот за успехот е добрата соработка, редовната комуникација, координацијата и размената на искуства со другите колеги од земјите од Западен Балкан и релевантните партнери од ЕУ во областа на враќање и реадмисија. За таа цел, нашиот план е во наредниот период да бидат иницирани договори за реадмисија со други земји на потекло во Азија и Африка, но и да се реафирмираат постојните иницијативи за склучување договори. Тука останува и соработката со нашите партнери – Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ИЦМПД), како и други партнерски организации“, посочи министерот Спасовски.

На првиот ден од овој годишен Министерски форум, посветен на областа Внатрешни работи, покрај министрите за внатрешни работи од Западен Балкан, учествуваа и министерот за внатрешни работи на Чешката Република, како земја-претседавач со Советот на ЕУ, заедно со Европската комисија, претставена од еврокомесарот за внатрешни работи, како и претставници на претстојното шведско и шпанско претседателство со Советот на ЕУ, кои ги претставија приоритетите за време на претседавањето.

Слични содржини