Србија ќе претседава со Глобалното партнерство за вештачка интелигенција

ГПВИ е иницијатива која има за цел да воспостави глобални стандарди и правила за развој на вештачката интелигенција

од Бети Божиноска

Република Србија во следните три години ќе биде претседавач со Глобалното партнерство за вештачка интелигенција (ГПВИ), и тоа во првата и во третата година како помошник, а во втората година главен претседавач.

„Одлична вест за нашите граѓани! Србија ќе претседава со Глобалното партнерство за вештачка интелигенција! Србија е една од само 29-те членки на организацијата, со која досега претседаваа Франција, Канада, Јапонија и Индија. Ова е, пред се, големо признание за нашите резултати во областа на вештачката интелигенција, но и потврда за тоа што Србија може да направи,“ напиша српската премиерка Ана Брнабиќ на својот профил на „X“.

ГПВИ е иницијатива која има за цел да воспостави глобални стандарди и правила за развој на вештачката интелигенција, како и да го забрза развојот на вештачката интелигенција на глобално ниво. Основана е во 2020 година на иницијатива на претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, и премиерот на Канада, Џастин Трудо.

Секретаријатот на ГПВИ е при Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), а стручните центри се во Монтреал и Париз, а нов центар ќе биде отворени  во Јапонија.

Србија беше примена пред нешто повеќе од една година, како една од 29-те членки, со консензус. Меѓу најважните членки на паетнерството се САД, Обединетото Кралство, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Бразил, Франција, Германија, Турција, ЕУ и други земји.

Минатогодишниот Самит на ГПВИ се одржа во Индија. Република Србија ќе има можност да биде домаќин на следниот самит кој би се одржал во Белград.

„Горд на Србија! Големите работи допрва доаѓаат. Им честитам на граѓаните на Србија!“, рече претседателот Александар Вучиќ.

Слични содржини