Српски научник патентирал изум кој спречува кражба и замена на бебиња

од Milan1

Проблемот со замена или кражба на бебиња во породилиштата може да се реши засекогаш. Младиот научник Комлен Лаловиќ патентирал уред за земање отпечатоци од мајка и бебе со цел да се докаже мајчинството веднаш при раѓањето. Проектот е поддржан од Министерството за здравство на Србија, а за негово спроведување се заинтересирани неколку породилишта, пренесува РТС.

На оваа идеја дошол пред неколку години, кога дознал дека ќе стане татко, а биометриката била тема на неговата докторска дисертација. Научно е докажано дека само отпечаток од прст се формира до седмиот месец од бременоста, а таков останува до крајот на животот, додека сите други биометрики се менуваат. Благодарение на тоа Комлен Лаловиќ направи апарат кој спречува замена или кражба на бебиња.

„Бебето има отпечаток од прст формиран во моментот на раѓање. Тоа е точно, но никој во светот досега не го докажал тоа емпириски. Јас заедно со мојот тим првпат го докажавме тоа во светот. И врз основа на сите овие истражувања дизајнирав уред кој може да го вгради сето ова и да го гарантира идентитетот на бебето во породилиштето“, вели проф. д-р Комлен Лаловиќ.

Уредот едноставно работи, а постапката е безболна, практична и евтина.

„Во моментот на раѓање мајката и бебето даваат отпечаток, и тие се врзуваат за еден шифриран податок. При излегување од породилиште истата мајка и бебе повторно даваат отпечаток и споредуваат дали е идентичен. Доколку е идентичен, тогаш тоа е доказ дека бебето е сто проценти ваше. Дали може физички да се спречи да се украде бебето. Да, секако, ставете го овој уред на излезот од породилното одделение и нема излез без скенирање. Овој уред решава и некои тешки случаи како што е смртта на бебето. Овој отпечаток останува два-три часа и може точно да се утврди кое дете починало“, вели Лаловиќ.

 

Слични содржини