Стоилковски: Пратениците немаат мандат за промена на Уставот

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ има непроменет став во однос на уставните измени. Ова го истакна портпаролот на партијата, Наум Стоилковски на денешната прес-конференција.

-Ова Собрание, овој собраниски состав нема мандат од народот за промена на Уставот под притисок на соседни држави, рече Стоилковски.

Стоилковски додаде дека европската иднина со оваа владејачка коалиција на СДСМ и ДУИ е загрозена, а тоа го говорат и анкетите.

-Она што можам да го истакнам по сите овие барања е дека европска иднина со владејачката коалиција на криминалот и корупцијата е загрозена и тоа го кажуваат и фактите и анкетите. Така што уште еднаш ќе повторам дека овој собраниски состав, овие пратеници во Собранието немаат мандат за промена на Уставот. Единствено за што треба да се разговара е што поскоро да се соберат и да се организираат предвремени парламентарни избори, кажа Стоилковски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчера порача дека политичките партии мора да работат и да ги убедат луѓето дека нема подобро и единствено решение освен Бугарите да станат дел од Уставот и да го отворат првото поглавје.

-Имаме услови дека без уставни измени не може да се отвори првото поглавје затоа што скринингот е почнат и следната средба со ЕУ мора да започне во ноември. Најдоброто решение за нашите проблеми е да создадеме сојуз за обединета Европа и сите нека се гордеат и што поскоро да ги исполнат обврските од дома и она што Европа го сака, изјави Ахмети во својот говор пред присутните во Чегране.

Слични содржини