Столтенберг: Улогата на Шмит не смее да се поткопува, секој таков обид ќе ја врати БиХ назад

од Stefanija Kuzmanovska

Улогата на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, во безбедноста на регионот е многу важна и не смее да биде поткопана, бидејќи тоа ќе ја врати Босна и Херцеговина назад. Ова го соопштил генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по средбата со Шмит, пренесе N1.

Шмит накратко се обрати и истакна дека посетата на генералниот секретар на НАТО на Босна и Херцеговина е исклучително важна.

„Соработката меѓу дејтонските институции, НАТО и сите оние кои ја штитат безбедноста во Босна и Херцеговина е значајна. Мора да ја обновиме довербата во владеењето на правото. Ова е наша заедничка работа, но и на локалните политичари. Работиме на тоа и ни треба поддршка од ЕУ и НАТО“, рече Шмит.

Во истиот дух возврати и Столтенберг, кој вели дека му е мило што се сретнал со Шмит. Тој ја нагласува важноста на неговата улога во Босна и Херцеговина и ги повтори вообичаените изјави на меѓународни претставници од НАТО и ЕУ за поддршката за Босна и Херцеговина.

„Го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Сакаме да видиме мирна земја во срцето на стабилен регион“, вели Столтенберг.

Тој понатаму наведува дека е задоволен од продолжувањето на мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина, што го повтори и по средбата со делегацијата на Советот на министри на Босна и Херцеговина, но сепак, по разговорот со Шмит, Столтенберг истакна дека НАТО „не може и нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина“.

Тој искористи голем дел од својата изјава за да ја поддржи и пофали работата на високиот претставник во Босна и Херцеговина.

„НАТО има историја на присуство во БиХ и историја на соработка со Канцеларијата на високиот претставник. Напорите на високиот претставник се од витално значење за единство и помирување. Секој обид за поткопување на неговата позиција ќе ја води Босна и Херцеговина назад, а не напред“, подвлече лидерот на НАТО.

Столтенберг во овој дел се осврна на напорите на Република Српска да го претстави високиот претставник како нелегитимен.

На крајот, тој му се заблагодари на Шмит за „неговата важна работа во Босна и Херцеговина и неговата посветеност на стабилноста на регионот“.

Покрај Шмит, генералниот секретар на НАТО денеска се сретна и со делегацијата на Советот на министри на Босна и Херцеговина, а синоќа имаше работна вечера и со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Тој денеска треба да ја посети и базата на НАТО во Бутмир.

Слични содржини