Стопанска комора за енергетика: Со првото заладување ќе има покачување на цената на електричната енергија од 20-30%

од Берта Китинска

Вклучувањето на третиот блок на РЕК Битола и зголемувањето на домашното призводство на електрична енергија кои ги најави премиерот Заев, нема да го реши проблемот со недостигот на електрична енергија, велат од Стопанската комора за енергетика.Првиот човек на комората Ѓорѓи Mанасков за Локално мк. вели по претпоставка, дури и средствата веднаш да бидат издвоени, изведбата ќе трае 6 до 12 месеци што е предолго во ситуација кога треба да се реагира веднаш. Како многу подобра алтернатива предлага други опции:

“ Сега е неопходно државата ургентно да интервенира со обезбедување на потребната енергија како би можело да се компензира недостатокот на струја кој е евидентен во цела Европа, а не само кај нас. Понатаму во иднина, многу подобро е парите да бидат насочени кон развивање на обновливи извори на енергија, а уште пофикасно би било да им се дадат дозволи на инвеститори во државата да инвестираат во оваа сфера за конечно да успееме да обезбедиме доволно сопствено производство на електрична енергија.Секако, не смееме да го заборавиме фактот дека до 2025 година мора да се изгасат сите термоелектрани поради нивно штетно влијание (загадување) на животната средина, па оттука ваквата инвестиција не би била продуктивна”, вели Манасков.

Уверувањето дека сметките за електрична енергија до крајот на годинава ќе останат исти, кои стигаат од РКЕ и од претставници на Владата, според него е само во насока на неутрализирање на паниката кај граѓаните бидејќи зголемување на сметките ќе има многу порано.

„Сметам дека со првото заладување веќе ќе има покачување на струјата од 20-30%, според веќе “утврдената формула“ за определување на цените на сите енергенси. Проблемот со недостиг на електрична енергија е хроничен на ниво на цела Европа, а нашата држава е зависна од увозот“ категоричен е Манасков . Предупредува дека е голема веројатноста да немаме доволно електрична енергија и дека ќе се соочиме со рестрикции. „Најверојатно ќе биде наложено одредени институции при општините да престанат да работат, да не се палат улични светла… Струјата ќе мора да се чува не само за домаќинствата, но и за производствените капацитети“, вели Манасков.

Според Манасков, одземањето на лиценците за неколку снабдувачи од страна на РКЕ предизвикува огромни финансиски штети.„ Освен лиценцираните снабдувачи штета во моментот имаат сите компании, државни институци и граѓани. Буџетската сметка во ситуацијата ќе покрива грешки на РКЕ која не успеа навремено да ги открие и стабилизира“, вели Манасков.

Иако откажувањето на договорите со снабдувачите и злоупотребата на системот за балансирање на којшто укажа Регулаторот можат според него да предизвикаат дестабилизација на електроенергетскиот систем во државата,сеуште има и време и начин состојбата да се контролира и нормализира. “ Да ги слушаат внимателно информациите од Стопанската Комора за Енергетика на Македонија – која ги заштитува СИТЕ (државни и приватни компании и граѓани, како и лиценцирани снабдувачи на ел.енергија, и навремено дава помош на сите дури на РКЕ и Владата да се справи со овие проблеми), а НЕ да напаѓаме и обвинуваме дека за сета оваа ,, европска енергетска криза ,, се виновни само лиценцираните снабдувачи”.

Манасков смета дека енергетската криза ќе предизвика проблеми во планирањата за потрошувачката и преносот на електрична енергија до крајот на наредната година и предлага да се изградат што е можно повеќе сопствени централи за да може земјата да стане енергетски независна.Домашното производство според него може и мора да се зголеми, а како основен предуслов ја посочува неопходноста од формирање министерство за енергетика.

К.В.С.

Слични содржини