Стотици деца со децении биле сексуално злоставувани во домови во Лондон

од Stefanija Kuzmanovska

Британската јавна истрага за сексуално злоставување на деца соопшти дека неколку стотици деца биле изложени на „тешко разбирливи“ нивоа на злоупотреба и занемарување со децении. Независна истрага за сексуална злоупотреба на деца навела дека социјалните работници во општината Ламбет во јужен Лондон помеѓу 60-тите и 90-тите години се однесувале кон децата како да се „безвредни“.

Беше речено дека вработените во општина Јужен Лондон „изложувале ранливи деца“ на сексуални престапници кои се инфилтрирале во сиропиталишта и во згрижувачки семејства со „катастрофални, доживотни последици врз жртвите“.

Кога децата се жалеле, главно не им се верувало.

„Со неколку децении, децата во домовите и згрижувачките семејства претрпеа нивоа на суровост и сексуално злоставување кое е тешко да се разбере“, рече шефот на истрагата, Алексис Џеј.

Авторите на извештајот, кои собраа докази за силување, злоупотреба и сексуално злоставување на деца, наведоа дека 705 поранешни корисници на три домови пријавиле сексуално и други видови злоупотреба, но дека за четириесет години дисциплиниран е само еден од вработените.

Во извештајот се наведува дека многу вработени покажале „бесчувствителна небрежност за ранливите деца“, иако им било платено да се грижат за нив и дека „расизмот е очигледен во непријателскиот и насилен третман“ кон црните деца.

Авторите на извештајот ја повикаа полицијата да разгледа дали постојат основи за поведување на кривична истрага за смртта на момчето, кое се убило во домот во 1977 година, а претходно се пожалило дека било злоставувано од постар вработен.

Повеќегодишната истрага започна по смртта на британскиот водител Џими Савиљ во 2011 година, кој исто така беше водител на детски емисии, кога десетина лица пријавија дека ги злоставувал.

Истрагата сега е насочена кон неуспеси во заштитата на децата во неколку средини, вклучувајќи училишта управувани од цркви, поправни установи за малолетници, а целокупниот извештај ќе биде објавен следната година.

Слични содржини