СЗО повикува на хуманитарна пауза во бомбардирањето на Газа

од Stefanija Kuzmanovska

Светската здравствена организација повика денеска на хуманитарна пауза во израелското бомбардирање на Газа, со цел да се обезбеди пристап на тимови за да им се помогне на загрозените.

„Затворањето на точките за влез и излез за пациентите и хуманитарните здравствени тимови и строгите ограничувања за испорака на медицински материјали ја влошуваат оваа јавна здравствена криза“, рече Ахмед Ал-Мандари, регионален директор на СЗО.

Тој рече дека сериозноста на повредите на ранетите во гранатирањето дополнително го оптеретува веќе преоптоварениот здравствен систем, на кој му недостасуваат основни лекови и средства, додека истовремено се бори против павидемијата „Ковид-19“, пренесе Танјуг.

Директорот на СЗО за Западниот брег и Газа, Рик Пеперком изјави дека конвојот на ОН со хуманитарна помош, вклучувајќи 10.000 вакцини „Синофарм“ против коронавирус и ранетите, е подготвен да влезе во Газа веднаш штом ќе добие пристап, пренесува Ројтерс.

„Додека не се постигне примирје, сите страни во конфликтот мора да се договорат за хуманитарна пауза за да се обезбеди пристап до и од Газа“, рече Пеперком.

Од почетокот на конфликтот на 10 мај, според здравствените власти во Газа, 230 Палестинци, вклучувајќи жени и деца, биле убиени во артилериско и воздушно бомбардирање, а над 1.700 лица биле ранети.

Слични содржини