СЗО со повик до Г7 да го финансира глобалното закрепнување од КОВИД-19

од Vladimir Zorba

Светската здравствена организација (СЗО) ја повика Групата седум (Г7) да го финансира глобалното закрепнување од КОВИД-19, предупредувајќи дека светската криза не може да се реши доколку најразвиените земји не ги засилат своите активности.

СЗО соопшти дека Групата Г7, која се состои од Велика Британија, САД, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија, има можност да ги финансира вакцините, тестовите и протоколите за третман потребни за да се победи пандемијата, пренесе „Гардијан“.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус ги повика земјите од Г7 да преземат решителна акција на нивниот Самит од 11 до 13 јуни, чиј домаќин е британскиот премиер Борис Џонсон.

„Земјите од Г7 се светски економски и политички лидери. Тие исто така се дом на многу светски производители на вакцини, а кризата со вакцините можеме да ја решиме само со помош на лидерите на овие земји“, рече Тедрос на прес-конференција.

Светската здравствена организација соопшти дека повеќе од половина од новите инфекции во светот минатата недела биле во Индија и Бразил, на кои била испратена помош од агенцијата на Обединетите нации и други групи.

Според Универзитетот „Џонс Хопкинс“, Индија минатата недела забележала рекордни 2.612.354 новозаразени, додека Бразил 414.123.

Генералниот директор на СЗО на прес-конференција во Женева изјави дека СЗО и нејзината фондација испратиле медицинска опрема и материјали во Индија, вклучувајќи шишиња со кислород и подвижни полски болници, пренесе „Бета“.

Тој, исто така, ги советува семејствата како да се грижат за болните дома во ситуација кога не успеат да најдат слободен кревет во болницата.

Тедрос рече дека она што се случува во Индија и Бразил може да се случи насекаде, освен ако не се преземат мерките за јавно здравје што ги побара СЗО од почетокот на пандемијата, како што се носење маски, социјално дистанцирање и соодветна хигиена.

„Вакцините се дел од одговорот, но тие не се единствениот одговор“, рече тој.

Слични содржини