Телефонски разговор Шекеринска – Џејмс Хипи: Северна Македонија и Обединетото Кралство ја интензивираат соработката во одбраната

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денес имаше телефонски разговор со министерот на Вооружените сили на Обединетото Кралство, Џејмс Хипи.

Во разговорот министерката Шекеринска и британскиот министер се осврнаа на односите во одбраната и напредокот што го направи Северна Македонија на планот на оперативното интегрирање во НАТО кое се одвива во тесна соработка со британските вооружени сили.

Шекеринска изрази благодарност за поддршката во развивањето на нашите одбранбени капацитети и военото интегрирање во Алијансата. Таа посочи дека пандемијата од друга страна создаде и нови потреби и видови на соработка бидејќи вирусот не може да се искорени се додека масовното вакцинирање е достапно само во поединечни земји.

„Тоа е можно само преку вакцинација и солидарност во распределбата на вакцините за да можат сите држави да го спроведат процесот на имунизација. И затоа сметам дека солидарната распределба на вакцини е од клучно значење за да ја победиме заканата што ја предизвика вирусот“, истакна Шекеринска.

Министерката во телефонскиот разговор изрази и сочувство до британскиот министер по повод смртта на Војводата од Единбург и сопруг на Кралицата Елизабета, Принц Филип.

Британскиот министер Џејмс Хипи се осврна на успешната одбранбена соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство и предложи таа понатаму да се развива во повисоки форми од значење за борбената готовност и натамошно јакнење на нашите одбранбени и оперативни капацитети. Во дискусијата на двајцата министри стана збор и за меѓународното присуство во Авганистан како и за најновите случувања на границата меѓу Русија и Украина.

Слични содржини