Товарен брод потона во Турција: Исчезнаа 11 членови на екипажот, загина едно лице

од Stefanija Kuzmanovska

Турски спасувачи го пронашле телото на член на екипажот на товарниот брод кој потона крај турскиот брег во Црното Море поради силна бура, соопштија денеска властите. Останатите 11 членови на екипажот се пријавени за исчезнати.

Бродот „Кафкаметлер“ под турско знаме потона вчера откако удри во брана во близина на пристаништето во градот Ерегли.

Министерот за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу изјави дека бродот, кој се движел кон западното турско пристаниште Измир, неколку пати удрил во браната пред да потоне.

Акцијата за пребарување и спасување беше одложена неколку часа поради лошите временски услови.

Уралоглу рече дека кога времето се смирило, спасувачите го пронашле телото на готвачот на бродот.

Силно невреме го погоди северозападниот дел на Турција, предизвикувајќи големи штети.

Уште еден товарен брод се распарчил на половина поради тешките временски услови откако се насукал кај Ерељо, соопшти Генералниот директорат за поморски работи, а сите 13 членови на екипажот биле спасени.

Поради поплавите евакуиран е и еден затвор во тој град, а четири лица загинаа во различни инциденти предизвикани од невремето.

Соседна Бугарија ја погоди силен ветер, дожд и снег, вчера загинаа две лица, во некои делови беше прекинато снабдувањето со електрична енергија, а во градот Варна е прогласена вонредна состојба.

Слични содржини