Трагедија на Олимп, загина планинар од Скопје

од desk2

Искачувањето на планината Олимп во Грција заврши трагично за 57-годишниот Мефали Гури од Скопје, член на Планинарското друштво Шкупи. Тој, загина синоќа околу 20 часот во близина на Планинарскиот дом „Спилиос Агапитос“, по кобен пад во бездна длабока 30-тина метри. Членовите на друштвото со статус на Фејсбук се простија од Гури, опишувајќи и детали од трагичниот настан.

„Во текот на вчерашниот го искачувавме Олимп. Околу 20 часот бевме на само 50-ттина метри од Планинарскиот дом „Спилиос Агапитос“, кога во еден момент нашиот член Мефали Гури, ненајдејно запре, се потпре на планинарските стапови и падна без свест во бездната. Се обидовме да дадеме прва помош, но Гури не даваше знаци на живот. Ноќта ја минавме во „Спилиос Агапитос“, а од утринава сме во Литихоро, каде ја спроведуваме потребната процедура.“ – велат од Планинарско друштво Шкупи.

Во извлекувањето на планинарот Гури биле ангажирани 14 пожарникари и припадници на специјалната единица за несреќи. Тие биле мобилизирани веднаш во спасувачката акција, но единствено констатирале смрт. По исказите на членовите на групата, причината за падот ја поврзуваат со здравствен проблем што го имал Гури.

„За жал ништо не можевме да сториме да го спасиме човекот. Од групата разбравме дека тој во текот на планинарењето се пожалил дека не му е добро, затоа сметаме дека причината за падот е од здравствена природа, но обдукцијата ќе даде конкретен одговор, дали станува збор за срцев удар или за мозочен удар. Бездната е длабока 20-30 метри, и за жал кога го извлековме, медицинските екипи веднаш констатираа смрт.“ – изјави Марија Золота – Планинарски дом „Спилиос Агапитос“.

Од македонското Министерство за надворешни работи велат дека се во постојан контакт со конзулатот и за сите детали ќе информираат дополнително. Семејството е известено до страна на друг планинар кој што бил дел од тимот на Олимп. Телото на загинатиот планинар ќе биде пренесено во Солун, каде во текот на утрешниот ден ќе се прави обдукција, со која дополнително ќе бидат утврдени точните причини за смртта./24 Вести

Слични содржини