Трамп ја осуди одлуката на Фејсбук: Срамота за целата земја

од Nikola Popovski

Поранешниот американски претседател реагираше на одлуката на компанијата Фејсбук да продолжи со суспендирање на неговите профили. Трамп рече дека тоа е срамота за целата земја и дека компанијата треба да сноси последици.

Трамп испрати изјава до медиумите во која остро ја критикувал одлуката на компанијата да не му дозволи да си ги врати профилите на Интернет.

„Она што го направија Фејсбук, Твитер и Гугл е целосна срамота за целата земја. Претседателот на САД е лишен од слобода на говор, бидејќи радикалните леви лудаци се плашат од вистината, но таа ќе излезе на виделина, поголема и посилна од кога било“, се вели во изјавата на поранешниот претседател на САД.

Тој посочи дека граѓаните на САД нема да ги поддржат ваквите одлуки.

„Луѓето во нашата земја нема да се залагаат за тоа! Овие корумпирани компании за социјални медиуми мора да ја платат политичката цена и никогаш повеќе не смееме да ни дозволиме да го уништуваме нашиот изборен систем“, рече Трамп.

„Фејсбук“ го суспендираше неговиот профил на 7 јануари, ден откако неговите приврзаници го нападнаа Капитол. Компанијата тогаш објави дека неговите објави ги кршат правилата на Фејсбук и промовираат „голема лага“.

Надзорниот одбор на компанијата денес објави дека „Фејсбук“ донел правилна одлука, поради постојаната закана за насилство. Сепак, Надзорниот одбор е на мислење дека е грешка што налогот на Трамп бил суспендиран на неодредено време, а на компанијата ѝ беше наредено да спроведе шестмесечна ревизија за да утврди дали треба да се укине забраната, но и какви ќе бидат правилата за постапување со светските лидери во иднина.

Слични содржини