Трансферот на Модриќ се претвори во шпанска сапуница: Повторно одложен состанокот со Перез

од desk2

Судбоносната средба на Лука Модриќ со претседателот на Реал Флорентино Перез за да побара официјално заминување во Интер, што беше закажана за вчера, беше одложена за денес, но според најновите информации од Мадрид, има ново одложување, па состанокот ќе се одржи утре, а можеби и во сабота.

Јасно е на кого му оди во прилог овој состанок да се случи што е можно побрзо, а кој бега од средбата и ја одложува колку што може.

Лука Модриќ отворено им кажа на челниците на Реал дека нема намера да ја продолжи кариерата во мадридскиот клуб.

33-годишниот Хрват вчера сепак дојде на тренинг со Реал иако претходно побара од клубот да не тренира додека не се реши неговата ситуација. Хрватскиот капитен остана во тренинг центарот еден час подоцна од сограчите и потоа со неговиот автомобил се упати кон центарот на градот.

Модриќ, заедно со менаџерот Владо Лемиќ и претставникот на Интер Џузепе Ризо требаше да се сретнат со претседателот на Реал Флорентино Перез. Меѓутоа, состанокот не се одржа, туку Модриќ се сретна со Хозе Анхел Санчез, втор челник на клубот.

Според италијанскиот весник „Gazzette dello Sport“, Модриќ на Санчез отворено му кажал: „Сакам да одам во Интер“.

Санчез му одговорил дека клубот сака да го задржи, но Модриќ побарал состанок со Перез. Оваа средба би можело да се одржи најрано утре.

„Gazzetta“ тврди дека Модриќ им кажал на членовите на своето семејство и на Предраг Мијатовиќ и Владо Лемиќ дека сака трансфер во Интер.

Во разговорот со Санчез се повикал на џентлменскиот договор со Перез, каков што имаше и Кристијано Роналдо – дека може да замине од клубот ако добие добра понуда, а оваа од Интер е повеќе од добра.

Интер му нуди на Модриќ четиригодишен договор од 10 милиони евра по сезона, како и опција по истекувањето на договорот да потпише двегодишен договор со кинески Ѓијангсу, чиј сопственик е Suning Holdings Group, истата компанија што е сопственик на Интер.

Италијанците прво би го позајмиле Модриќ на една година за 15 милиони евра, со што би избегнале проблеми со финансискиот ферплеј, а следното лето би го откупиле неговиот договор со Реал за дополнителни 25 милиони евра.

Хрватскиот капитен одигра 257 натпревари за „Кралскиот клуб“ и запиша 13 гола и 40 асистенции. Беше клучен играч во осваојувањето на четири титули во Лигата на шампиони, три светски клупски првенства, шпанското првенство и еден Куп на кралевите.

Слични содржини