Три години затвор доби жената која пред четири години со автомобил го прегази дванаесетгодишниот Давид Ангелевски кај Градскиот парк во Скопје, на улицата „Илинденска“.
Таа е осудена за кривично дело, тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Пресудата беше објавена денеска, а како што соопштуваат од Кривичен суд, во текот на постапката биле изведени шест вештачења.
„Судот смета дека оваа пресуда треба да одекне во јавноста како предупредување за зголемено внимание и почитување на Законите, како и правилата и прописите за безбедност во сообраќајот кај сите учесници“, е пораката од судот при изрекувањето на пресудата.
Против оваа пресуда странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.
Малиот Давид на 18 септември 2015- та година беше удрен од автомобил “Фиат Пунто” поминувајќи на пешачки премин со својот велосипед, додека на семафорите на раскрсницата не работеле, односно трепкале жолтите светла.