Цивилите во Украина ќе можат да носат огнено оружје

од Nikola Popovski

Украинскиот парламент усвои нацрт-закон со кој им се дозволува на цивилите да носат огнено оружје.

Овој предлог бил прифатен со мнозинство гласови, бидејќи 274 пратеници гласаа „за“ во 450-члениот парламент.

Потегот на украинскиот парламент доаѓа по одлуката на Русија да ги признае двете отцепени републики во источна Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот објави дека Москва ги признава двата отцепени региони на источна Украина, Доњецк и Луганск, како „независни“ држави, што набрзо беше проследено со наредба да се испратат руски сили таму за „да се одржи мирот“.

Откако руската Дума ги ратификуваше договорите за пријателство со двата региона, американскиот претседател Џо Бајден потпиша извршна уредба со која се забрануваат инвестиции, трговија и финансирање што ќе ги вршат американските граѓани со ДНР и ЛНР. И ЕУ одобри санкции против Русија.

По инвазијата на украинскиот полуостров Крим во 2014 година, Москва почна да ги поддржува сепаратистичките сили во источна Украина против централната влада, политика што ја одржува во последните седум години. Според Обединетите нации, конфликтот однесе повеќе од 13.000 животи.

САД со своите европски сојузници тврдат дека Русија го подготвува теренот за инвазија на Украина, откако групирала повеќе од 100.000 војници и тешко оружје на украинската граница.

Русија негираше дека се подготвува за инвазија и ги обвини западните земји дека ја поткопуваат нејзината безбедност со проширување на НАТО кон нејзините граници.

Слични содржини