Украина ги објави руските војници одговорни за масакрот: „Ова се касапите од Буча“

од Nikola Popovski

Министерството за одбрана на Украина во четвртокот на својот официјален профил на Твитер објави фотографии и имиња на руски војници кои ги смета за одговорни за воените злосторства во Буча и ги нарече „подмолната десетка“, пишува Дејли мејл.

– Идентификувани и именувани десет руски касапи од 64-та бригада, осомничени дека го извршиле масакрот во Буча. Единицата беше наградена за злосторствата што ги направи и се врати на бојното поле. Правдата за воените злосторници е неизбежна, соопшти тамошното министерство.

„Подмолната десетка“ наводно ја сочинуваат капларот Андреј Бизјаев (33), офицерот Сергеј Пескарев (24), капларот Дмитриј Сергиенко (27), офицерот Григориј Наришкин (30), наредникот Никита Акимов (25), капларот Михаил Кашин (24), офицер Василиј Књазев (24), офицер Алберт Раднајев (24), поручник Вјачеслав Лавренцев (29) и каплар Семјон Малцев (26).

Главниот државен обвинител на Украина, Ирина Венедиктова, во четвртокот изјави дека Украина нема да запре додека овие војници не бидат изведени пред лицето на правдата.

Во деновите откако руските трупи се повлекоа од областа околу Киев, имаше извештаи дека повеќе од 400 луѓе биле мачени, осакатени и убиени во Буча. Фотографиите од трупови на улиците на Буча и другите градови низ Киев, објавени претходно во април, го шокираа светот, а некои извештаи велат дека таму биле извршени масовни силувања.

Аналитичарите тврдат дека претседателот на Руската Федерација Владимир Путин намерно ги вратил на фронтот за да исчезнат. На тој начин никогаш нема да бидат принудени да сведочат за злосторствата што наводно ги направиле.

Се верува дека Путин знаел дека еден ден би можеле да бидат изведени пред лицето на правдата, каде потоа ќе треба да ги откријат вистинските размери на ужасите за кои се заслужни.

Разузнавањето на украинското Министерство за одбрана на почетокот на април соопшти дека руските команданти одбиле да ротираат бригади и дека 64-та бригада се наоѓа во Белгород во западна Русија и чека повторно распоредување на фронтот.

Путин потоа ги испратил на бојното поле меѓу Харков и Изјум, каде се наоѓаат украинските борци кои бараат одмазда. Според пишувањата на украинскиот портал „Хромадске“, повеќето припадници на 64-та бригада се спротивставиле на наредбата толку брзо да се вратат на фронтот.

Бригадата се борела против 93-та бригада на украинската армија.

Украина смета дека победата над 64-та бригада би била голема симболична победа како потонувањето на рускиот крстосувач Москва.

Се верува дека 64-та бригада за време на операцијата во Буча била поддржана од платеници од групата Вагнер.

Слични содржини