УНЕСКО: Пандемијата може да предизвика засилена психолошка вознемиреност кај ранливите и маргинализирани групи

од Vladimir Zorba

Генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азуле денеска изрази загриженост за „потенцијалните закани за човековите права, приватноста и етиката“ во екот на пандемијата од коронавирусот и повика на „колективна одговорност“ во заштитата на најранливите.

„Во ова време на неизвесност, кога општествата ширум светот преземаат брза и радикална акција против пандемијата, јас сум загрижена за потенцијалните закани за човековите права, приватноста и етичките стандарди, особено во однос на најранливите“, рече таа.

Генералниот директор на УНЕСКО рече дека „оваа криза бара најдобро од човештвото, со етички принципи како компас“.

Меѓународниот комитет за биоетика при УНЕСКО и Светската комисија за етика на научното знаење и технологија издадоа заедничка декларација за „да ги водат креаторите на политиките и да ја информираат јавноста за важни етички прашања што мора да бидат земени во предвид во глобалната борба“ против пандемијата.

„Пандемијата може да предизвика засилена психолошка вознемиреност кај поединци и ранливи и маргинализирани групи во сите региони во светот, па дури и повеќе во земјите во развој“, се додава во соопштението, посочувајќи ја ранливоста поврзана со сиромаштијата, дискриминацијата, полот, болеста, возраста, етничката припадност, итн. како и со позицијата бегалци.

Овие експерти, исто така, ја истакнуваат „специјалната судбина на луѓето на кои им се одземени основните ресурси како што се вода и сапун за одржување на основна хигиена“, проблеми со „социјална оддалеченост во бегалските кампови“ и „зголемен ризик од семејно насилство во изолација“.

Експертите повикуваат на „итна акција да се преземе преку меѓународната соработка во дух на солидарност, нагласувајќи ја одговорноста на богатите земји да им помогнат на сиромашните земји“.

„Стигматизацијата и дискриминацијата мора да се избегнат за да се гарантира ефективноста на мерките за јавно здравје, додека научните истражувања и здравствените мерки мора да ги надминат политичките, географските и културните поделби“, велат експертите.

Слични содржини