Уште две години рок за Охрид да постапи по забелешките на УНЕСКО

од desk4

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО го одложи гласањето за статусот на Охридскиот регион поради немање консензус помеѓу делегациите за тоа дали оваа локација треба да се најде на листата на светско наследство во опасност. За статусот на Охридскиот регион требаше да се гласа во кинескиот град Фуџоу, каде се одржа 44. сесија на Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО). На маса беше нацрт-одлука, според која, Охридскиот регион требаше да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност.

Усвојувањето на предлог-одлуката беше прекинато откако делегацијата на Норвешка изрази негодување на амандманите кои ги предложи делегацијата на Босна и Херцеговина со кои на Македонија и Албанија треба да им се даде дополнителен период за да постапат по препораките од УНЕСКО, пред да биде одлучено дали локацијата ќе биде ставена на листата на светско наследство во опасност. Ваквиот предлог, делегацијата од БиХ го образложила со потребата да се охрабрат Македонија и Албанија во напорите да се исполнат препораките од претходните извештаи. Да се поддржат, а не демотивираат активностите што заеднички ги спроведуваат.

Пред Комитетот, сепак, не се донесе одлука и не се знае кога ќе се донесе, а каде говореше и министерката за култура, Ирена Стефоска. Стефоска посочила дека Македонија изминатите две години демонстрирала истрајност и подготвеност да ги интензивира напорите за исполнување на препораките и забелешките на УНЕСКО. Пред учесниците на состанокот побарала и продолжување на роковите за да се овозможи натамошно делување и исполнување на обврските.

Меѓутоа, 34 организации изразија загриженост за состојбата на охридскиот регион, која како што велат, не е последица на војна или природна непогода, туку поради уништените вредности. Прогласувањето на загрозено светско наследство е резултат на лошото  менаџирање со наследството од локалните и централните власти на двете земји, кои во хаосот на слободниот пазар и трката по профит целосно ја изгубија контролата над она што претставува јавно добро. Граѓанското еколошко здружение Фронт 21/42 му испрати писмо на Комитетот за светско наследство, поддржано од 18 организации од Македонија и 15 од Албанија, со апел за вклучување на Охридскиот регион на Листата загрозено на светско наследство и дека можеби тоа ќе доведе до посериозен ангажман за заштита на регионот.

„На сите, па дури и на власта, ѝ стана сосема јасно дека едноставно е неспособна да ја спречи деградацијата на Охридскиот Регион. Толку ѝ стана јасно, што дури се обиде да ја минимизира сериозноста на Нацрт – одлуката на Центарот за светско наследство на УНЕСКО со фрази од типот: ‘не е некоја катастрофа ако Охридскиот Регион биде ставен на листата на светско наследство во опасност.’ А, всушност сакале да кажат дека за лошиот ученик едноставно нема граници колку ниско може да падне, и повторно, како и пред две години, да се впушти во ‘барање врски’ за да си го обели образот. Така, Босна и Херцеговина предлага измени на стручната одлука на Центарот и советодавните тела на УНЕСКО со кои на нашите неработници би им се дале уште две години одврзани раце да лажираат дека наводно постапуваат по препораките на УНЕСКО. А, после тие две, веројатно ќе има друга Босна, како што во Баку имаше Босна и Херцеговина, Бразил, Кина и Унгарија. Секогаш се наоѓаат пријатели по светот, кога целта е да се спаси образот или главата, а не Охридскиот Регион, или со зборовите на Константин Георгиески „да се направело reset“, ама тој ти мислел на Нацрт – одлуката на Центарот, а не на управувањето со регионот“ –  велат од Охрид СОС.

Слични содржини