Уставниот суд го демантира Лога: Од нас нема побарано мислење за понатамошно постапување со изводите

од Nikola Popovski

Имајќи ја предвид својата позиција и независност, Уставниот суд е должен да реагира на невистинитите и неточни тврдења искажани од страна на министерот за правда Кренар Лога. Согласно уставната положба која на Уставниот суд му обезбедува да се дистанцира од секаков политички авторитет, Судот укажува дека е недозволиво за член на Владата како носител на извршната власт јавно да ги доведува во заблуда граѓаните со изнесување на произволни констатации и невистини во врска со работењето на Уставниот суд, велат од институцијата како реакција на вчерашната изјава на Лога.

Оттаму истакнуваат дека неточни се тврдењата на министерот за правда дека од Уставниот суд е побарано мислење во било која форма за понатамошно постапување со издавање на изводите бидејќи, како што велат, нема пристигнато таков допис од ниту од Управата за водење на матични книги, ниту пак од Министертвото за правда.

-Во интерес на зачувување на достоинството и угледот на Судот како единствена институција со такви надлежности, информираме дека Уставниот суд комуницира преку своите акти, но во никој случај не е дел од формалната процедура Судот да врши консултација со било кој учесник во постапката и да советува откако ќе биде донесена одлука.  Уставниот суд нема надлежност да кажува кои се идните чекори по донесени одлуки, затоа што доносителите на актите имаат обврска да ги решаваат проблемите, стои во соопштението.

Според Лога, кажано му е на директорот на Управата за водење матични книги дека треба сите изводи да им се даваат на граѓаните по старото упатство.

Уставниот суд требаше во одлуката да каже, до решавање на спорот кои се нивните чекори, за да не остане оваа празнина во системот. Кажано му е на директорот на Управата за водење матични книги дека треба сите изводи по старото упатство да им се даваат на граѓаните. Не знам кој ја кочи работата, тие имаат побарано мислење и од Уставен суд и од други органи. Верувам дека од понеделник ќе може да се земе извод од матични книги, рече Лога во вчерашното гостување на ТВ Сител.

Слични содржини