Вангелов: Не е чудно да видиме реприза како после ветото на Грција во 2008

од Nikola Popovski

Професорот и член на Мешовитата историска комисија, Огнен Вангелов оценува дека впечатокот кога треба да се одлучува за почетокот на преговорите со ЕУ, се случува во последен момент.

-Секои шест месеци, последните неколку денови се клучни. Се создава една општа конфузија во јавноста, особено со овој француски предлог. Впечатокот е дека ситуацијата е конфузна и хаотична и во самата ЕУ. Во Бугарија веќе знаеме што се случува. Во однос на ова прашање, ќе видиме денес. Јасно е дека ние ја одбивме таа рамка, вели Вангелов.

Историчарот смета дека негативното расположение кон ЕУ само се засилува.

-Тоа е видливо од првиот момент кога Бугарија стави вето, ставање на маса на нови барања. На тоа придонесуваат изјавите на бугарските претставници кон Македонија во последните две години, кои се конзистентни во тврдоста и агресивноста. Јавноста тоа го гледа низ призма на нефер однос на ЕУ кон Македонија, односно неможноста да влијае врз Бугарија. Таа фрустрација се канализира и кон отпорност кон ЕУ, видливо е некое време, потенцира Вангелов.

Според него, тоа оди во полза на зајакнување на внатрешниот национализам.

-Не е чудно да видиме реприза на она што се случуваше по ветото од Грција во 2008 година, по што се радикализираше политичката сцена. Не сум голем оптимист дека од ова ќе излеземе во добра форма, додава Вангелов во емисијата „Утрински брифинг“.

Слични содржини