Вето на Бугарија за С.Македонија: Политика во служба на Москва или на европските вредности?

од Vladimir Zorba

Бугарија стави вето на преговарачката рамка на Република Северна Македонија за почеток на преговорите со ЕУ, откако условите на кои инсистира официјална Софија не беа исполнети.

Одлуката ја соопшти бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева која рече дека Софија бара придржување кон формулацијата за јазикот од Договорот склучен во 2017 година, патоказ со точни рокови за негово спроведување и јасен текст дека не се признава македонското малцинство во Бугарија.

„Бугарија во оваа фаза не може да ja поддржи преговарачката рамка со РС Македонија и одржувањето на првата меѓувладина конференција. Предлогот не ги одразува бугарските барања и не може да биде поддржан во сегашната форма“, изјави таа пред неколку дена.

Експертите велат дека Бугарија наметнува еден нов преседан во политиката на проширување на ЕУ- таа го користи своето гледиште на историјата како политичко средство против соседна земја.

Бугарскиот професор Ивајло Дичев, за „Локално“ вели дека не верувал дека владата на Борисов не верувал дека ќе го сторат тоа и дека се уште има простор до 8 декември нешто да се промени.

Вооднос на тоа дали овој потег е во служба на Кремљ и руските интереси, тој смета дека сериозниот проблем не е Москва, туку западните земји како Франција се Холандија, кои не сакаат повеќе проширување.

– Ако ја пропуштиме златната шанса сега, ќе мора да чекаме долго. И грешката е огромна, бидејќи ова проширување кон Северна Македонија и Албанија е од најголемо значење за нас овде, да привлечеме средства од ЕУ, да изградиме инфраструктура, да тргуваме. На некој апсурден начин, тие ни објаснуваат дека Германија нè „притисна“. Зачуден сум што 84% од Бугарите се согласуваат со ветото, иако тие не знаат што точно бараме од Македонците. Важно е како се поставува такво прашање, а сепак не верував дека ја изгубивме способноста да размислуваме рационално, прагматично, во толкава мерка, истакна Дичев кој вели декане ја оправдува одлуката на владата на Борисов да ни стават вето.

Посочува дека предметните прашања немаат никаква врска со европската интеграција.

– Не знам дали Северна Македонија и Албанија имаат постигнато владеење на правото, пазарна економија и човекови права – ако има проблем во оваа област, ветото е навистина потребно (а постарите членки на ЕУ би го наметнале тоа). Но, нашиот народ зборува за некои чудни работи – на пример, како точно да го кажеме јазикот на суверена земја што ја признавме во 1992 година, изјави професорот.

За коментарот на Захариева дека не може да се слави Тито и да се бара влез во ЕУ, Дичев смета дека осудата на комунизмот е навистина важна тема во транзицијата кон демократија, но прашува дали Бугарите имаат право да им зборуваат за таа тема на Македонците, затоа што само пред една или две години вклучени се поглавја за комунизмот во учебниците по историја.

– Мора да постои критична рамнотежа на овој режим, на пример, жртвите на југословенскиот режим мора да бидат рехабилитирани, заради бугарската самосвест или од политички причини. Но, ова ќе дојде постепено во текот на процесот на преговори. Ни кажаа дека договорот за соседство не се спроведува – да, има многу точки во него, како што е изградбата на транспортната инфраструктура. Но, кој е виновен, не разбрав. Ако Скопје одбие да соработува – да, тоа е проблем, нека си понесе одговорност. Или можеби е виновна и Софија? Но, наместо тоа, тие ни кажуваат за Гоце Делчев. Замислете дека утре двете страни ќе ги одврзат кесите и ќе започнат со изградба на железничката линија Скопје – Софија, дали ова нема да биде најсилниот чекор за исполнување на договорот?, се прашува тој.

Истакна дека со ова вето, Борисов не успеал во својата единствена важна надворешно-политичка иницијатива за интеграција на Западен Балкан.

– Тој ризикува да замине во историјата со овој неуспех. Покрај тоа, иницијативата за интеграција на регионот ќе помине во рацете на Грција, а во иднина можеби дури и на Србија. Бугарија испушта голема шанса да одигра некаква меѓународна улога. Гордоста кон минатото може да ја избрише можноста за гордост денес, посочи професорот Дичев.

Во однос на барањата на неговата земја дека треба да се искорени омразата со која се задојуваат младите во Македонија во врска со Бугарија и минатото,смета дека тој дел со омразата е „најсмешниот дел од оваа трагикомедија“.

– Како во градинка кога децата ѝ кажуваат на воспитувачката дека не ве сакаат или дека ви земале нешто! Се разбира, постојат антибугарски сентиментации во Северна Македонија, всадени во времето на Југославија, но ние не останавме должни и постојано повторуваме дека сте измислени, Овие чувства немаат никаква врска со меѓународните односи, не знам дали е осуден некој договор затоа што тие „таму нè мразат“. Но, политиката на приближување на два народа е нешто бавно, по што ќе следи економска, воена, културна соработка. Погледнете го нашиот регион – таква историска омраза има насекаде – меѓу Србите и Хрватите, Албанците и Србите, Грците и Турците … Европското семејство има механизми за нивно надминување, но ова е долг процес и нема да се реши со ниту еден анекс. А, ветото на Бугарија само го влошува, верувам дека некој во вашата земја ја сака Бугарија во моментов, се сеќава на бугарските корени на неговиот дедо. Излезот е да се деполитизира целата оваа тема, да се разбере од двете страни на границата дека европското проширување не може да се користи, тоа е пред политиката – во спротивно тоа едноставно нема да се случи, вели Дичев.

Велизар Енчев, експерт за меѓународно право и поранешен амбасадор вели дека Бугарија ќе направи стратешка грешка ако дозволи Република Северна Македонија да се приклучи на Европската Унија без да ги исполнува следниве услови: признавање на бугарските корени на јазикот и неговата историја; апсолутно отфрлање на тврдењата за „македонско малцинство“ во Бугарија; уредување на македонските учебници по историја, литература и географија за средно и високо образование; отстранување на антибугарските споменици на територијата на републиката и дефинирањето на Бугарија како окупатор; прекин на антибугарската кампања во медиумите.

-Оваа бугарска политика не е во служба на Москва, но е во служба на европските вредности и евроинтеграциите, што императивно не дозволува членство во ЕУ доколку не се расчистат споровите меѓу членките на ЕУ и кандидатите за членство, вели Енчев во изјава за Локално.

Тој вели дека се залага за оваа позиција многу пред 1 август 2017 година, кога беше потпишан Договорот за пријателство меѓу Софија и Скопје.

-Како поранешен амбасадор во Република Хрватска и долгогодишен бугарски разузнавач во Југославија, предупредив дека овој договор е нецелосен бидејќи не и дава никакви гаранции на бугарската страна дека Македонија ќе исполни дури и еден од горенаведените услови.

Формирањето на Заедничката историска комисија беше обид на Бојко Борисов и Зоран Заев да ја пренесат одговорноста од политичарите кон историчарите.

Договорот беше алиби на Борисов за бугарските граѓани за неговата одлука да ја пушти Македонија во НАТО, бидејќи тој ја донесе одлуката под американски притисок, бидејќи Вашингтон инсистираше на членство на Македонија во НАТО за да се затвори кругот околу Србија.

Дури и тогаш, предложив во низа публикации, не потпишувајте договор што нема да има никаква вредност за македонската страна!

Покрај тоа, јас секогаш мислев дека договорите со Република Македонија треба да бидат потпишани на англиски јазик. Инаку, ние го признаваме силно-србизираниот југозападен бугарски дијалект како посебен јазик, истакна Енчев.

За тоа како ја коментира изјавата на Захариева и Каракачанов дека не може да се слави Тито и да се бара влез во ЕУ, екс амбасадорот смета дека овој бугарски услов за Тито „е нов и го изненадува“.

-Всушност, тој е адресиран до Брисел и претставува обид да се воведе антикомунистички елемент во одлуката на Бугарија да го блокира членството на Македонија во ЕУ. Во Софија, наивно веруваат дека во ЕУ антикомунизмот е посилен аргумент од неоспорните историски документи за бугарското основање на јазикот и историјата на словенското население во Република Северна Македонија.

Во Хрватска и Словенија, Тито долго време беше демитологизиран, најмногу заради масовните убиства на крајот на Втората светска војна од страна на југословенските партизани во двете земји. Да не зборуваме за теророт на Тито во Вардарска Македонија по 1944 година, што доведе до масакр врз стотици луѓе со бугарски идентитет и интернирање на илјадници македонски Бугари.

Во Република Северна Македонија е потребно сериозно преоценување на улогата на Тито во репресијата во повоена Југославија. Но, ова е ексклузивно право на македонските граѓани, а не на соседните земји, истакна Енчев.

Експертот посочува и дека Борисов нема право да отстапи во спорот со Скопје.

-Тој веќе направи отстапка за вашата земја, што скапо не чини. Софија ниту се обиде да го спречи, ниту да реагира на Договорот од Преспа меѓу Атина и Скопје, кој ви го даде името „Република Северна Македонија“. Ова име има географска одредница и има територијални претензии кон Бугарија. Затоа сме толку заинтересирани под услов да објавите писмено дека немате територијални или малцински претензии кон Бугарија.

Во 1987 година, на Меѓународниот прес центар во Белград, за време на презентацијата на книгата на Перо Коробар „Македонската национална култура во пиринскиот дел на Македонија“, објавена на англиски јазик, влегов во жестока расправија со авторот и рецензентите. Сите во салата беа изненадени како Бугарин си дозволи да ги оспори тврдењата на македонското малцинство против Бугарија.

За време на ваквите прес-конференции во Секретаријатот на Унијата за надворешни работи, имав многу такви полемики со портпаролите на југословенското Министерство за надворешни работи – со словенецот Иво Вајгел и со македонскиот Срѓан Керим.

И не правете никакви илузии – Бугарија нема да отстапи од своите позиции кон т.н. Македонско прашање. Ние сме членка на ЕУ додека вие сте пред вратата на ЕУ. Вашето членство во ЕУ е во наши раце.

Јасно ни е и дека вашите амбасади низ целиот свет спроведуваат рафинирана антибугарска кампања, која за жал не наидува на соодветна реакција од нашите амбасадори. А, отворањето на десетици одделенија за македонистика на универзитетите ширум светот е дело на координираните напори на вашето министерство за надворешни работи и Службата за надворешно разузнавање.

Да зависи од мене, ќе преземев многу поактивно дејствување против оваа ваша политика, бидејќи предметните оддели се академски гласноговорници на антибугарската пропаганда.
Во овој поглед, вие сте особено активни во Европскиот парламент, каде успешно лобирате, на пр. преку пратеник од Малта, преку носење на резолуции за т.н. Македонско малцинство во Пиринскиот крај.

Оваа политика мора да заврши затоа што е удар за добрососедството. Но, вие не сте во можност да го направите тоа, затоа што македонизмот е изграден врз присвојување на странската историја и култура.

Иако е малку веројатно, Борисов може малку да падне под германски притисок. Ако го стори тоа, неговата лична приказна ќе стои покрај портретот на Тито.

Што се однесува до претстојните избори во Бугарија и нашата сегашна политика кон Македонија, тоа е само обична случајност, смета тој.

На прашањето дали Софија испраќа лоша порака за целиот Западен Балкан во однос на ЕУ интеграцијата и колкава ќе биде штетата врз меѓусебните односи по ветото, вели дека не може земјава да очекува во име на европските вредности, да ги жртвуваат нивните национални интереси.

-Да се поддржи историската вистина не е лоша порака до Западен Балкан. Напротив, ова е порака претежно за европските амбиции на Србија. Во одредени кругови во Белград, тие се надеваат дека Бугарија ќе им даде „зелено светло“ за членство во ЕУ, без подобрување на состојбата на бугарското малцинство во српските градови Босилеград и Димитроград.

Асимилацијата на Бугарите во овие градови може да се види само од еден факт – од над 200.000 по двете светски војни, сега живеат околу 25.000 Бугари, односно бројот на Бугари во овие антички бугарски земји дадени на Кралството Србите, Хрватите и Словенците е намален скоро десет пати пред 1919 година, кога беше потпишан Њојскиот договор.

И што очекувате? Во име на европските вредности, да ги жртвуваме нашите национални интереси, под притисок на Брисел и Берлин, како што тоа го правиме под притисок на Кремљ веќе 45 години?

Всушност, церемонијата пред неколку денови, на која на Зоран Заев му беше доделена награда од Фондацијата Фридрих Еберт, доделена од германскиот министер за надворешни работи, е дипломатски ултиматум на Борисов. Ангела Меркел со оваа награда му порачува на Борисов да се повлече од функцијата до крајот на годината за да може германското претседателство со ЕУ да биде успешно.

Но, канцеларката Меркел не е во право. Таа не е Горбачов, а Република Бугарија не е вазал ниту на Москва ниту на Берлин.

Ќе бидам изненадам доколку во декември оваа година, бугарската влада ја ревидира својата сегашна позиција и го ослободи патот на Скопје во ЕУ без да ги исполни бугарските услови, вели за Локално експертот.

Додава и дека младите и во Македонија и во Бугарија не треба да живеат со митови и легенди кои немаат никаква врска со историската вистина и декаживеењето во лага порано или подоцна ќе доведе до судир што може да прерасне во внатрешни етнички конфликти и меѓудржавни конфликти.

-Време е да се ревидира доктрината за македонизмот, која се претпоставува дека е антибугарска. Доктрината е дело на српски државници и научници од крајот на 19 век, кои во лицето на проф. Јован Цвииќ и Стојан Новаковиќ го формулираа овој постулат: „Бидејќи не можеме да направиме Срби од македонските Бугари во Вардарска Македонија, ќе ги оживееме од Бугарија правејќи ги Македонци“.

Да не ја заборавиме улогата на Коминтерната од 30-тите години на минатиот век, кога Москва им нареди на бугарските комунисти да ги решаваат националните прашања на Балканот со создавање на тракиски, музејски и македонски народи.

Колку побрзо ги прифатите овие вистини, толку подобро за Македонија и Балканот. Од наша страна, ние ја признаваме вашата историја, етничка припадност, јазик и култура од 1945 година па наваму. Ние го признаваме вашиот македонски идентитет на територијата на Република Северна Македонија. Не гледам друг пат или решение, заврши Енчев.

Никола Поповски

Слични содржини