ВМРО-ДПМНЕ се пишмани: „Што ќе бара опозицијата на избори доколку го погази својот збор за уставните измени?“

од Nikola Popovski

Иако воглавно ништо не беше одлучено на вчерашната лидерска средба во Клубот на пратеници, стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ се спремни за уставни измени и внесување на Бугарите во Преамбулата. Ова прозлезе од предлогот на премиерот Димитар Ковачевски за отстапување на пет министерски места на партијата на Христијан Мицкоски, со цел да се отвори Уставот и да продолжи патот на Македонија кон отворање на поглавјата за членство во ЕУ. Лидерот на опозицијата од своја страна истакна дека е подготвен да влезе во Влада со СДСМ и другите политички партии, но без учество на ДУИ. Другиот услов на Мицкоски беше уставните измени „да стапат на сила на денот на ратификацијата на протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ од парламентите на 27-те земји-членки“, што Ковачевски го оцени како прекршување на преговарачката рамка.

Ваквиот став на најголемата опозициска партија донесе нови околности на политичката сцена. Политикологот Иво Ранѓеловиќ во разговор за „Локално“ вели дека oд државнички аспект ова е позитивна вест, која води кон консезус во поглед на промената на уставот.

-Но, во суштина македонското општество е најголемата жртва по лидерската средба, бидејќи јавноста изгуби време во манипулации за нешто што е завршена работа – Бугарите во уставот, нагласува тој.

Сепак смета дека ВМРО-ДПМНЕ ова не го прави само за да биде дел од власта.

-Притисокот е голем врз партијата и противењето е огромен влог за оваа партија и нејзината перспектива. Истото важи и за државава. Барањата на оваа партија се само проформа бидејќи основата на партиското мнение беше дека уставни измени не треба и нема да има. Изгубено е само време, оценува Ранѓеловиќ.

Иво Ранѓеловиќ

На прашањето дали се очекува пад на рејтингот на партијата после промениот став, соговорникот лично „не гледа причина што ќе бара опозицијата на избори доколку го погази својот збор во однос на уставните измени“.

-Противењето на истите беше платформата врз која растеше рејтингот на партијата, а тонеше власта. Се собираа нотарски изјави од пратеници, се убедуваше јавноста низ медиумите дека уставни измени нема да има, за на крај цената за уставните измени да биде привремено поместување на ДУИ во опозиција, до избори, сублимира политикологот.

Се шпекулира дека САД, ЕУ и западните партнери одиграа улога во она што го слушнавме вчера од опозицискиот лидер, a Ранѓеловиќ се согласува дека целиот притисок врз политиката во Македонија да се промени уставот има ракопис на меѓународната заедница.

-Во таа насока, лидерската средба е непосреден чин на меѓународната заедница, како што ќе биде и исходот од уставните измени. Опозицијата многу добро го знае ова и не знам која е политичката, па и партиската цел на противење сето ова време. Поради ваквите нареционални манипулации на власта и опозицијата, во уставот ќе влезат сите, а ќе си одат Македонците, потенцира политикологот.

Mицкоски и денеска одговараше на новинарски прашања поврзани со нивниот став како партија за уставните измени. Тој повтори дека немаат проблем да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот, но побара тие да бидат одложено дејство.

-Ефектот да биде одложен се до прием на Македонија во ЕУ. На тој начин го заштитуваме нашиот идентитет и кажуваме дека нема да има дополнителни отстапки кои ќе можат да ни наштетат. Понудивме решение и очекуваме одговор од страна на СДСМ. Ако Европа толку многу не сака, тогаш нека ја стави Македонија на брза лента во преговорите, додаде Мицкоски од Кочани.

Н.П.

Слични содржини