Во Германија во пораст криминалот со радикално десничарска позадина

од Vladimir Zorba

Германија бележи раст на екстремно десничарските злосторства минатата година, според бројките објавени во вторникот од Министерството за внатрешни работи.

„Во 2019 година имало 22.337 прекршоци кај кои е утврдена радикално десничарска политичка позадина, што е околу 2.000 повеќе од претходната година“, одговори германското Министерство за внатрешни работи на прашањето од пратеничката на „Зелените“, Ирена Михалиќ.

Повеќе од половина од овие злосторства се дела на ширење забранета пропаганда или ширење расна, верска или етничка омраза. Околу 1.000 кривични дела со радикално десничарска позадина се однесуваат на насилни престапи, делумно со фатални последици.

Извештајот на Кабинетот за известување за политички мотивирани злосторства, исто така, покажува зголемување на злосторствата со антисемитска позадина. Така, во 2019 година биле регистрирани 2.032 прекршочни дела против Евреите во Германија, што претставува зголемување во однос на 2018 година, кога биле извршени 1.799 кривични дела со антисемитска позадина.

Минатата година се случи терористички напад во синагогата во Хале во која загинаа две лица.

Официјалните бројки поврзани со политички мотивирани злосторства ќе бидат објавени во мај.

Слични содржини