Во многу земји во светот се бара сертификат за вакцинација, велат од МЗ

од Берта Китинска

Во обид да се зачува јавното здравје и да се стави под контрола рапидното зголемување на бројот на заразени, што претставува ризик од преоптоварување на здравствените системи, сè повеќе земји воведуваат задолжително приложување на вакцинален сертификат за своите граѓани, за непречено користење на јавните места и услуги, информираат од Министерството.

Данска, Австрија и Унгарија беа меѓу првите земји кои во март оваа година воведоа здравствени сертификати, кои во Австрија се сè уште неопходни за посета на ресторани, хотели и спортски центри. Вакви мерки се актуелни и во Португалија и Ирска, додека во Луксембург се построги и вакциналниот сертификат е задолжителен и при влез во маркетите.

Приложувањето на сертификат за вакцинација во затворените угостителски објекти минатиот месец стапи во сила и во соседна Грција, со цел во туристичката сезона да се заштитат домашните работници, но и големиот број странски туристи кои влегуваат во земјата.

Според одлуката на Владата на Италија, пак, за престој во затворени простории, граѓаните е неопходно да приложат документ за вакцинација за примена барем една доза, доказ за имунизација по природен пат, односно прележување на вирусот или негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа. Вакциналниот сертификат во Италија е задолжителен за наставниците, граѓаните кои користат јавен превоз, за влез во кината, музеите и на спортските настани, но и за гостите во рестораните. Сертификат ќе им биде потребен и на студентите, додека вработените кои нема да приложат доказ за имунизација пет дена последователно, ќе бидат суспендирани од работа и нема да го остварат правото за добивање плата, бидејќи ќе претставуваат ризик за останатите граѓани.

Четвртиот бран на ковид-19 предизвика пораст на инфекциите и во Франција, каде во сила стапија мерките за задолжителна вакцинација на здравствените работници и приложување на сертификат или негативен ПЦР тест за присуство на јавни места, настани со масовна посетеност и користење јавен превоз. По стапување на мерките, билансот на населението со две примени дози од вакцината изнесува 50 отсто. Покрај европските, повеќе земји во светски рамки, меѓу кои и САД, воведуваат задолжителна вакцинација за одредени категории на граѓани, но и задолжителен сертификат за имунизација за посета на јавни места, користење на јавните добра и услуги, со цел да го ограничат масовното ширење на вирусот и да го заштитат здравјето на населението, потенцираат од Министерството за здравство.

Од Министерството посочуваат дека за разлика од други земји, каде за одредени категории професии вакцинацијата кај нив е задолжителна, кај нас таа е прво на избор.

Но, посочуваат, ја потенцираме важноста од вакцинација, затоа граѓаните кои досега не се вакцинирале, се двоумат, имаат дилема околу вакцинирањето, да се охрабрат и што побрзо да примат вакцина.

– Вакцините се безбедни и ефикасни, штитат од компликации на болеста и смртен исход. Само со масовна имунизација може да спречиме ширење на мутации на ковид-19, порачуваат од Министерството за здравство.

Слични содржини