Во МВР нема функционер на кој му е платено патување во странство на државна сметка, тврди Ковачевски

од Nikola Popovski

Премиерот Димитар Ковачевски демантира дека заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши на државна сметка престојувал во хотел во Турција.

-Кабинетот на претседателот на Владата провери во Министерството за внатрешни работи и нема функционер на кој му е платено патување во странство на државна сметка, рече Ковачевски на пратеничко прашање поставено од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачки посочи дека Владата бега од одговорност и го обвини Ковачевски дека е уценет од ДУИ.

-Главните прашања кои остануваат да ги одговорат институциите меѓу кои најповикан е Министерот за внатрешни работи се следните, дали со примањето на подарок од 20.000 евра не се создала зависност од трети лица и дали во изминатиот период оваа зависност на Заменикот на МВР била злоупотребена од тие лица? Или со други зборови, дали и во која мерка му е компромитирана неговата позиција во МВР  поради создадени обврски кон тие лица, праша Ковачки и директно го праша Ковачевски дали оправдува вакво однесување и доколку не кога ќе поднесе предлог за негово разрешување, нагласи. Дали оправдувате такво однесување на Вашиот функционер од ДУИ и доколку не е, кога ќе поднесете предлог до Парламентот за негово разрешување, праша Ковачки.

Заменик министерот за внатрешни работи, Назим Буши, платил 20.000 евра за едно ноќевање во лускузен хотел, објави пред пет дена албанската телевизија „Ора њуз“, којашто емитуваше истражување за албански функционери кои се луксузирале во хотели, а меѓу нив се најде и функционерот од македонската влада.

Според информациите на „Ора“, Буши престојувал една ноќ во претседателскиот апартман на „CVK Park Bosphorus Hotel“ во Истанбул. За тоа сведочи видеото направено од Буши во просториите на претседателскиот апартман, кој е огромен простор од 850 метри квадратни, пишува порталот.

Слични содржини