Вработени во СЗО обвинети за сексуално насилство во Конго

од Nikola Popovski

Светската здравствена организација (СЗО) е цел на сериозни обвинувања за сексуално насилство од страна на нејзините вработени врз десетици жени во Демократска Република Конго, а комисијата што го истражува случајот ги осуди „структурните пропусти“ и „индивидуалната негрижа“, пренесува Хина.

Сексуалната злоупотреба била извршена од членови на персоналот, домашни соработници, како и меѓународни членови на тимови задолжени за борба против епидемијата на ебола што ја погоди ДРК меѓу 2018 и 2020 година, велат истражителите кои испрашувале десетици жени на кои им била понудена работа во замена за сексуален однос или биле жртви на силување.

Во извештајот се воведува нејасна слика за ситуацијата врз основа на независната истражна комисија формирана во октомври 2020 година од генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Комисијата ја утврди „распространетоста на случаи на сексуална злоупотреба и експлоатација за време на борбата против десеттиот бран на ебола, што ја зголеми ранливоста на „наводните жртви“ кои не ја добиле потребната помош потребна за такво понижувачко искуство“.

„Првото нешто што сакам да им го кажам на жртвите и преживеаните е дека ми е жал. Жал ми е за се што претрпевте од луѓето вработени во СЗО и кои требаше да ви бидат на услуга и да ве заштитат“, рече Тедрос, најавувајќи „строга казна“ за одговорните.

Слични содржини