Вучиќ: Пријателството меѓу Србија и Турција е гаранција за зачувување на мирот на Западен Балкан

од Vladimir Zorba

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Истанбул по средбата со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека пријателството меѓу Белград и Анкара е дополнителна гаранција за стабилност и зачувување на мирот на целиот Западен Балкан.

Вучиќ пред новинарите изјави дека очекува Ердоган да ја посети Србија до крајот на годината и додаде дека тоа ќе биде можност двете страни дополнително да разговараат за важни прашања за Балканот.

Тој рече дека разговарал со Ердоган за сите регионални прашања, односите на Западен Балкан и политичките и сите други односи меѓу Србија и Турција.

„Разговаравме и за одредени работи за кои не би сакал да ја информирам јавноста“, изјави Вучиќ.

Истакна дека тој и Ердоган го покренале прашањето за побрз проток на стоки и услуги меѓу двете земји.

„Ќе разговараме како да ги преминеме нашите граници со најмалку можни документи и на тој начин да го воспоставиме нашето пријателство на повисоко ниво“, изјави Вучиќ.

Посочи дека трговската размена меѓу Србија и Турција напредува од година во година.

„Трговската размена изнесуваше 1,32 милијарди евра, веруваме дека можеме многу брзо да достигнеме две милијарди“, рече претседателот на Србија.

Додаде дека Ердоган го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека смета дека е важно да се постигне компромисно решение.

Слични содржини