Заеднички или одвоени избори: „Аргументот дека било скапо и ќе сме трошеле пари, паѓа во вода – кој кажа дека демократијата е евтина работа?“

од Nikola Popovski

Заеднички или одвоени избори е прашањето кое ја мачи јавноста во последниот период, со оглед дека наредната пролет граѓаните ќе треба да излезат на гласачките места. Најголемата опозициска партија инсистира претседателските и парламентарните избори да бидат заедни, додека власта посочува да бидат одделно, односно во редовните термини. Дел од експертите сметаат дека избирањето не треба да се меша и тоа се два различни процеси.

Ѓунер Исмаил

 

Според поранешниот министер и активист Ѓунер Исмаил, станува збор за две различни власти. Тој во разговор за „Локално“ истакнува дека поделбата на власта е уставна норма, не е на било на која партија.

-Претседателот е дел од извршната власт и сам по себе е друга институција, а локалната власт е сосема друга. Поделеноста е на изборните процеси, кои не се само денот на гласање, туку процес во кој што тие што имаат намера да управуваат со јавниот интерес, го презентираат на граѓаните и граѓаните според дадените искуства, ќе гласаат за тој или оној. Претседателот е сосема друго, ни вели Исмаил, додавајќи дека македонските „специјалитети“ кои што ни ги смислија, односно „ние сме демократија која што расте и знаевме такви специјалитети да смислиме и да спојуваме избори“.

-Аргументот дека било скапо и ќе сме трошеле пари, паѓа вода – кој кажа дека демократијата е евтина работа? Демократијата чини пари и тоа ќе си го плаќаме колку што треба. Да мешаш власти и да ги ставаш во едно купче е спротивно на нормата на духот на Уставот и ништо друго, дециден е Исмаил.

Соговорникот смета дека што да се одложува конечното решение за изборите бидејќи кој ќе биде кандидат ќе се знае на 100-тина дена пред изборите.

-Оној момент кога ќе му дојде момент за да се објави. Владеачката композиција и проевропскиот блок е во некаква внатрешна дискусија и разгледување на модалитетит кого би кандидирале, дали постоечкиот претседател или ќе смислат нешто ново, не можам да кажам. Изборите ќе си бидат кога треба да бидат. Мандатот на овој претседател му истекува во април. Кон крајот на февруари би требало да се знае кого би кандидирале од проевропскиот блок, посочува поранешниот министер.

За тоа кој би бил кандидатот на проевропскиот блок и дали тој може да биде од албанска националност, Исмаил вели дека никогаш не размислувал во тој правец и тие параметри.

-Уставот е јасен кој може да биде претседател на земјава, а тоа е граѓанин на РС Македонија. Сосема ми е ирелеватна неговата националност, заклучува тој.

Кристијан Фидановски

Од друга страна, дипломираниот политиколог и докторанд на универзитетот Оксфорд, Кристијан Фидановски за „Локално“ вели дека спојувањето на изборите би донело неколку придобивки.

-ДИК деновиве излезе со проценка дека би се заштедиле сериозни суми пари, а со оглед колку изборните кампањи вообичаено го окупираат јавното внимание во сите сфери на општеството, би се заштедило и многу време и работна продуктивност за целата држава доколку низ тој процес се помине еднаш наместо двапати. Споени избори обично носат и зголемена излезност, што би го засилило легитиметот и на претседателот и на парламентарниот состав. Ова е особено важно со оглед на ниската излезност на последните неколку (особено претседателски) избори, чија успешност (а да не зборуваме за легитимноста) е условена со праг на излезност од 40%, порачува Фидановски.

Оценува дека истовремено, друг често циркулиран аргумент во јавноста е помалку убедлив, а тоа е идејата дека одржувањето на парламентарните избори порано од предвиденото би можело да ги забрза одлуките на партиите околу уставните измени. Фидановски смета дека нечесно е партиите да се залагаат за поскори избори како шанса за исчекор по ова прашање, бидејќи ништо не ги спречува да го направат тој исчекор во сегашниот парламентарен состав, доколку тоа го сакаат.

-За државата би било поздраво изборните кампањи да се фокусираат на поширок дијапазон прашања, што потенцијално би го зголемило нивниот квалитет, наместо да се одвиваат во атмосфера на еден вид заложништво од страна на процесот околу уставните измени, укажува соговорникот.

Политикологот тврди дека за да се избере за првпат претседател кој е припадник на етничко малцинство би претставувало позитивен момент за нашето мултиетничко општество. Сепак, врз основа на искуството од изборите во 2020, а и на етноцентричниот карактер на дискурсот на партиите пошироко, вели Фидановски, има основа и да се стравува дека еден ваков предизборен договор (доколку биде постигнат) само ќе ги зголеми меѓуетничките тензии, а воедно и ќе одврати внимание од квалификациите и заложбите на кандидатите.

-Во секој случај, со оглед на моменталната рамнотежа на моќ помеѓу партиите, делува дека албанските партии би биле во силна преговарачка позиција доколку се одлучат за вакво барање. Повторно, искуството од претходните парламентарни избори упатува на заклучок дека дополнителната етнизација на изборните кампањи (слоганот „Псе јо“ на ДУИ во 2020, односно настојувањето на премиер Албанец во последната фаза од владиниот мандат) носи изборни придобивки, заклучуа Фидановски.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска обелодени дека кога ќе се постигне договор за точниот датум за претседателски и парламентарни избори, јавноста ќе биде информирана. Согласно законот 100 дена пред одржувањето на Парламентарните избори ќе се формира техничка Влада. Во однос на датумот на одржување, Ковачевски вели дека предвид треба да се земе и тоа оти во пролетните месеци има верски празници кои граѓаните ги почитуваат.

„Имајќи ги предвид сите овие претпоставки, ќе биде донесен и датум, нормално во законските рокови, со оглед на тоа дека во нашиот закон постои обврска за техничка влада, таа ќе биде 100 дена пред одржувањето на парламентарните избори, така како што било и досега“, кажа премиерот. 

На прашањето дали разговараат со ДУИ за заеднички настап на претседателските или на парламентарните избори, тој одговори дека за настапот на избори јавноста ќе биде информирана кога телата на партиите ќе донесат одлука.

Н.П.

Слични содржини