Заев: Повикувам на лидерска средба за одложување на изборите

од Aleksandar Todeski

Северна Македонија, регионот, Европа и голем дел од светот се соочуваат со најголемиот здравствен предизвик во поновата историја. Северна Македонија е меѓу ретките  во светот која преку владата и институциите презема навремени мерки за спречување на ширењето на ковид-19, познат како коронавирус, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес конференција во партиското седиште.

„Сега не е време за политички противници, сега не е време за политички и лични рејтинзи. Време е граѓаните да бидат обединети и политичарите да бидат обединети за една цел, здравјето на граѓаните. Мораме да продолжиме да ги следиме мерките, да ги заштитме најблиските и да се заштитиме самите ние. Денеска, јас во името на СДСМ, повикувам да се оранизира лидерска средба на која ќе се разговара за одложување на изборите. За нас е прифатливо и претседателот Пендаровски да јас вика оваа средба.“, рече Заев.

Тој посочи дека ќе се помага интензивно во помагање на бизнис секторот и дека серија мерки кои ќе ги преземаат власта и министрите ќе бидат објавени многу скоро.

„Наша задача како граѓани е целосно и строго да ги почитуваме мерките. Забранет е влез на лицата кои доаѓаат од држави висок или среден ризик, затворени се сите гранични премини освен петте најголеми, а затворен е и аеродромот во Охрид. Ризичните групи се ослободени од работни обврски, како и еден од родителите. Ако има потреба, а ќе има, мерките ќе се зголемат. Се трудиме сите максимално да нема нови жаришта, да нема жртви, туку излекувани. Сликите од земјава да не бидат како во северна Италија и Вухан. Но, за тоа треба да се однесуваме одговорно и зрело, затоа што се работи за здравјето на нашите најблиски“, рече Заев.

Слични содржини